„Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ од петни или се обидува ова фијаско да го префрли на СДСМ, но таквите обиди се јалови. Ниту СДСМ е виновен што Груби не одговара, ниту е одговорен за неговото бегство, туку за тоа е виновен само Тошковски и МВР“, велат од опозицијата
Социјалдемократскиот сојуз (СДСМ) денеска побара од Обвинителството и од министерот за внатрешни работи Панче Тошковски да го повикаат лидерот на Демократската унија (ДУИ), Али Ахмети, да даде исказ за да каже каде се наоѓа поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој веќе две недели не е достапен за органите за прогон.

„Откако лидерот на ДУИ застана во одбрана на Груби, повеќе од јасно е дека и самиот е информира за тоа каде тој се наоѓа и има важни информации за случајот. Зошто Обвинителството и Тошковски не го повикаат Ахмети да даде изјава? Како е можно Ахмети и Меџити да знаат каде е Груби, а само Тошковски да е целосно незапознаен?“,
се вели во соопштението на СДСМ.
Оттаму велат дека овој случај е класичен пример на селективност, но и огромна неспособност на Тошковски и МВР да го спроведат законот.
Опозициската СДСМ посочи дека Груби треба да одговара пред законите на државата, но заради неспособноста на Тошковски или скриен политички договор тоа не се случува.
„Во меѓувреме ВМРО-ДПМНЕ од петни или се обидува ова фијаско да го префрли на СДСМ, но таквите обиди се јалови. Ниту СДСМ е виновен што Груби не одговара, ниту е одговорен за неговото бегство, туку за тоа е виновен само Тошковски и МВР“,
пишуваат од СДСМ.
Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, вчера го дал за косовските медиуми, оти Артан Груби во моментов се наоѓа на албанска територија. Во изјавата, која подоцна ја пренесоа и медиумите во земјава, Ахмети вели дека Груби не избегал и дека ќе се врати во земјава, но за да се случи тоа, како што додава, правдата не треба да биде одмаздничка и селективна.
„Не сум го сретнал Артан Груби. Добар е, неговата локација е секако на албанските простори. Тоа е процес кој мора да има епилог. Тој не избега од Македонија, подготвен е да се појави пред органите на правдата, да ги почитува законите, но не и со одмаздничката и селективна правда“,
изјавил Ахмети, пренесува „Економиа онлајн“.
Премиерот Христијан Мицкоски се надева дека до Обвинителството ќе допре изјавата на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, во која тој за косовски медиуми рече дека ексвицепремиерот Артан Груби, кој во моментов не е достапен за органите на прогонот, а е осомничен во случајот за Државна лотарија, се наоѓа на територија на Албанија.