Ако веќе Арсовска не сака и не може да ја доврши реконструкцијата, Владата која е и финансиер на овој проект, има и волја и можност тоа да го стори, велат од СДСМ
Советниците од СДСМ во Град Скопје поднесоа иницијатива за времено отстапување на корисничкото право на објектот на Јавната установа Универзална сала од Град Скопје на Владата на Република Северна Македонија.

Од СДСМ денеска до претседателот на Советот на Град Скопје, Трајко Славески, го доставија барањето за дополнување на дневниот ред за 26. седница на Советот на која бараат да биде и оваа иницијатива.
„Реконструкцијата на Универзална сала повеќе од една година стои во место откако градоначалничката Данела Арсовска реши овој проект да не продолжи. За реконструкцијата на овој важен објект за Скопје, но и за целата држава се обезбедени средства во износ од 120 милиони денари од Владата, од кои искористени се само околу 40 милиони, што значи дека за овој проект на располагање се уште 80 милиони денари. Ако веќе Арсовска не сака и не може да ја доврши реконструкцијата, Владата која е и финансиер на овој проект има и волја и можност тоа да го стори“,
рече Љубица Јанчева, координаторка на советничката група на СДСМ и коалицијата во Советот на Град Скопје.
Таа ги повика советниците од сите други советнички групи да ја поддржат оваа иницијатива, со цел реконструкцијата на Универзална сала да заврши што побрзо и овој објект повторно да им биде вратен на скопјани.
„Ние како советничка група продолжуваме да бидеме конструктивна опозиција во Град Скопје која се бори за интересите и потребите на градот и сите негови жители“,
додаде таа.
Околу преземањето на Универзална сала од страна на Министерството за култура се говори уште од ноември минатата година кога министрите за култура и за локална самоуправа, Бисера Костадиновска-Стојчевска и Ристо Пенов, беа на средба со градоначалничката Данела Арсовска од каде што излегоа со тврдење дека Универзална сала целосно ќе биде преземена од Министерството за култура за што добиле согласност од градоначалничката.
Потоа од Град Скопје испратија соопштение во кое се наведуваше дека на заедничката средба се договориле дека во следните денови ќе се изнајде заедничко прифатливо решение за да продолжи изградбата во интерес на граѓаните за што од Министерството треба да добијат писмено барање по што потоа ќе се изјаснат.
Но, оттогаш министерката за култура во неколку наврати кажа дека досега немаат добиено никаков одговор од Град Скопје ниту, пак, им е доставена состојба, што е направено во Универзална сала.
Костадиновска-Стојчевска и на последната средба со новинарите минатиот месец објасни дека и имаат предложено на градоначалничката Данела Арсовска да ѝ помогнат околу реконструкцијата.
„Универзална сала заедно со уште пет други институции во 2005 или 2006 година го поминале тој процес на децентрализација и станале надлежност на Град Скопје. Може да седнеме и да се договориме да помогнеме околу завршување на реконструкцијата. Бевме со министерот за локална самоуправа на состанок со градоначалничката каде таа се согласи дека ќе направиме промена на инвеститор, односно Министерство за култура ќе се јави како инвеститор, ќе ја изградиме Универзална сала и потоа повторно ќе ја вратиме на Град Скопје бидејќи не може да правиме процес кој е обратен на децентрализација“,
додаде Костадиновска-Стојчевска.
Костадиновска-Стојчевска и тогаш упати апел до градоначалничката и Советот на Град Скопје да излезат во пресрет бидејќи Скопје е влезено во потесен избор да биде Европска престолнина на културата во 2028 година, а Универзална сала е институцијата која аплицирала.