Бизнисменот Орце Камчев, кој е осомничен во истрагата „Империја“ од страна на обвинителката Лиле Стефанова, пред Апелациониот суд Скопје понудил 2,2 милиони евра како гаранција за да му биде вратен регуларниот македонски пасош од Основниот кривичен суд, каде што му е депониран и бугарскиот пасош, објави порталот САКАМДАКАЖАМ.МК.
Камчев во ноември лани од Основниот кривичен суд бараше да му издаде времен пасош поради деловни обврски. Тогаш обвинителката Лиле Стефанова до судот испрати мислење дека не се согласува на бизнисменот да му се издаде патна исправа.
Инаку, тогаш на Камчев му истече времениот пасош што го доби со согласност на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева која е обвинета во предметот „Рекет“ заедно со Бојан Јовановски, токму поради земање пари од бизнисменот со цел тој да добие повластен третман во предметот „Империја“.