Саудискиот нафтен гигант „Арамко“ го собори сопствениот рекорден профит бидејќи во вториот квартал од оваа година оствари профит од 48 милијарди долари, пренесува Танјуг.
Ова е зголемување од 90 отсто во однос на истиот период минатата година и претставува највисока нето-добивка на најголемиот светски извозник на нафта од 2019 година.
Во исто време, нето-добивката на компанијата во првата половина од годината порасна на 87,9 милијарди долари.
Руската инвазија во Украина предизвика голем скок на цените на нафтата и гасот, потсетува Би-Би-Си.
Русија е еден од најголемите извозници, но западните земји се обидуваат да ја намалат зависноста од руските енергетски извори.
Компанијата најави раст на производството
Покрај рекордната добивка, „Арамко“ најави и дека ќе ги задржи дивидендите непроменети на 18,8 милијарди за третиот квартал.
Компанијата, исто така, најавува дека ќе продолжи да го зголемува производството за да ја задоволи побарувачката.
„Иако нестабилноста на глобалниот пазар и економската несигурност остануваат, настаните во првата половина од годината го поддржуваат нашиот став дека тековните инвестиции во нашата индустрија се од суштинско значење за да се обезбеди пазарите да останат добро снабдени и да се олесни уредната енергетска транзиција“,
рече претседателот на „Арамко“ и извршени директор, Амин Насер.