Шпанскиот премиер Пендро Санчез му дал ветување на премиерот Зоран Заев дека неговата земја многу скоро ќе го ратификува, а во јануари и ќе го депонира Протоколот за членство во НАТО, со што ќе се заокружи неопходната процедура за официјален прием на Македонија во Алијансата.
Ваквите оптимистички изјави доаѓаат од најголемиот фаворит за премиер, актуелниот претседател на шпанската влада, Педро Санчез, со кого Заев се сретна на маргините на самитот на НАТО во Лондон.

Политичката состојба во Шпанија е дека по предвремените избори во ноември, шпанските пратеници завчера се вратија во парламентот, но и понатаму нема јасни знаци дека наскоро ќе биде формирана нова влада и ќе бидат избегнати нови избори. Кралот Фелипе Шести, по конститутивната седница на парламентот, следните неколку недели треба да се сретне со лидерите на парламентарните партии за да се избере мандатар.
Ратификација пред или по изборите
Но, откако Протоколот ќе го ратификуваат сите земји членки на Алијансата, останува документот со кој се официјализира нашето членство да биде ратификуван и во Собранието на Република Северна Македонија, но неизвесно е дали тоа ќе се случи пред или по изборите кои, според договореното, треба да се одржат на 12 април.
ВМРО-ДПМНЕ вчера излезе со иницијатива Законот за ратификација на Северноатлантскиот договор и на Пристапниот протокол за членство да бидат ратификувани однапред, пред да заврши процедурата кај земјите членки. Се повикуваат со случајот на Црна Гора во 2017 година, кога парламентот во Подгорица предвремено ги ратификуваше овие документи, а ратификациите во Холандија и Шпанија се случија еден месец подоцна.

Тие бараат од претседателот на Собранието, Талат Џафери, најбрзо што може да ја испрати иницијативата до Владата.
Ваков предлог има и лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, кој го предлага 11 декември како датум за ратификација во нашиот законодавен дом.
Но, Џафери смета дека Владата, а не Собранието, е надлежна за постапување на ваква иницијатива.

За претседателот Стево Пендаровски не е спорно Протоколот да се ратификува и по изборите, по конституирање на новиот собраниски состав.
– Ако сите ратификации завршат и се чека на нас, бидејќи по сите 29 ратификации и ние треба да го ратификуваме Протоколот, а ние немаме парламент и дојде до ситуација од нас да зависи, ќе го ратификуваме во април, по изборите – рече Пендаровски во интервју за ТВ 24.
Во врска со предлогот на опозицијата да се изгласа ратификација со одложено дејство, Пендаровски смета дека сè уште има правни дилеми дали тоа би било правно издржано.

За вицепремиерката и министерка за одбрана Радмила Шекеринска, пак, би било неодговорно да направиме што било што ќе го загрози членството во НАТО – стратегиска цел број еден, макар и да ја одложи на одредено време.
Таа истакна дека одложувањето на изборите не е опција, а веќе се разговара со дел од пратеници и со други институции за можност за свикување на Собранието и по закажување на изборите, нешто што собранискиот спикер Џафери веќе го отфрли како можност.
За Шекеринска тој собраниски состав е функционален и во ниту еден момент не може да се каже дека немаме Собрание.