Дванаесет сепаратистички каталонски лидери беа осудени за бунт и други дела против уставниот поредок, од кои деветмина добија неколку години затвор за организирање на забранет референдум за независност на Каталонија и прогласување отцепување во октомври 2017 година
Помилувањата беа поддржани од моќната Римокатоличка црква и водечките бизни-здруженија, но против се Врховниот суд, како и повеќе од 60 проценти од анкетираните граѓани, вклучително и половина од гласачите на Санчез на претходните парламентарни избори
Шпанскиот премиер Педро Санчез денеска во Барселона објави дека неговата влада ќе помилува девет каталонски политичари и активисти, осудени за нивната улога во обидот за отцепување на регионот во 2017 година.
Санчез во говорот во главниот град на Каталонија, насловен како „Обединување: проект за иднината на цела Шпанија“, презентираше временска рамка за иднината на тој регион, пред стотина претставници на граѓанскиот сектор.
Тој изјави дека Владата утре ќе донесе одлука за помилување на каталонските сепаратисти.
Дванаесет сепаратистички каталонски лидери беа осудени за бунт и други дела против уставниот поредок, од кои деветмина добија неколку години затвор за организирање на забранет референдум за независност на Каталонија и прогласување отцепување во октомври 2017 година.
Повеќето Каталонци кои се за останување во Шпанија го бојкотираа референдумот, обележан со груби полициски акции насочени кон негово спречување.
Никој од познатите поддржувачи на независноста на Каталонија не присуствуваше на денешниот собир во Барселона, а водечките сепаратистички каталонски групи протестираа пред операта, каде што зборуваше Санчез.
Говорот на Санчез беше прекинат од активист, кој наместо помилување, извикуваше „амнестија“ за осудените сепаратисти. Разликата меѓу помилување и амнестија е што помилувањето ја намалува казната на осудените лица, додека амнестијата се смета за признание дека делото не било ниту извршено.
Санчез не наведе дали помилувањата ќе важат за сите или за дел од казните од девет до 13 години, на кои беа осудени сепаратистите. Откако утре Владата ќе ги донесе решенијата за помилување, кралот Фелипе Шести мора да ги потпише, а потоа Врховниот суд ќе издаде индивидуални пресуди за секое од помилуваните лица.
Одлуката на Владата за помилување на каталонските сепаратисти, која Санчез ја објави претходно, предизвика бурни реакции на шпанската политичка сцена.
Помилувањата беа поддржани од моќната Римокатоличка црква и водечките бизни-здруженија, но против се Врховниот суд, како и повеќе од 60 проценти од анкетираните граѓани, вклучително и половина од гласачите на Санчез на претходните парламентарни избори.
Илјадници луѓе се собраа на неодамнешниот протест во Мадрид поради најавата за помилување, поддржана од три опозициски партии, барајќи оставка од Санчез.
Лидерот на опозициската народна партија Пабло Касадо денеска го обвини Санчез дека попуштил на притисокот на сепаратистите за да се обезбеди поддршка од пратениците од Каталонија во шпанскиот парламент, а со тоа и да остане на власт.