Освен рускиот бизнисмен, денеска сведочеше и сопственикот на компанијата „Супер трејд“, Владимир Стаиќ, а одбраната со овие сведоци сака да докаже дека плацовите се легално купени и продадени, наспроти Обвинителството кое тврди дека Груевски е вистински сопственик на земјиштето, но со префрлање на сопственоста од една на друга фирма се криел вистинскиот сопственик
Рускиот бизнисмен Сергеј Самсоненко денеска во Основниот кривичен суд во Скопје како сведок тврдеше дека законски купил и платил земјиште од околу 10 000 квадрати на Водно, од бизнисменот Орце Камчев.
Самсоненко сведочеше на предлог на Камчев, кој е еден од обвинетите во случајот „Плацови на Водно“.
Атрактивниот плац е во сопственост на фирмата „Лајв кеар центар“, која беше сопственост на фамилијата Камчеви, а рускиот бизнисмен ја купил во 2019 година.
„Тоа е моја фирма која е купена на име на жена ми по моја наредба. Веројатно не сум бил тука или нешто друго технички, па затоа на нејзино име ја купив. Нема никаква сопственост освен плац од 10 000 квадрати”,
рече Самсоненко.
Тој рече дека ја купил за 110 милиони денари кои според договорот за купопродажба требало да ги исплати за три години и, како што кажа, ги исплатил и предвреме.
„Јас некое време барав голем плац за да изградам куќа за мојата фамилија за живеење. Не можев да го најдам тоа што ми треба затоа што барав над 5 000 квадрати. И Орце Камчев ми го предложи овој плац како една од варијантите. Јас разгледував неколку варијанти и ја ја одбрав оваа”,
рече Самсоненко.
Според неговото сведочење, бизнисменот сега е во загуба затоа што е блокиран плацот, односно нема ниту пат до него. Со тие пари што го купив, рече Самсоненко, можел комотно да живее 15-20 години во пензија.
„Сè уште не е неизграден патот од Општината, што ми пречи. Блокиран е, не ми е јасно зошто бидејќи трпам штети, го замолувам од судот да провери зошто. Барав од адвокатите да ми објаснат зошто е блокиран, не ми е јасно. Кога го купив, проверив, сè беше чисто. Со тие пари што ги исплатив можам 15-20 години да живеам комотно во пензија”,
рече Самсоненко.
Покрај Самсоненко, сведочеше и сопственикот на „Супер трејд“, бизнисменот Владимир Стаиќ, кој исто така купил друг плац од „Лајв кеар центар“, во 2018 година, односно пред фирмата да ја купи семејството Самсоненко.
Стаиќ кажа дека плацот го купил од Камчев со намера да изгради куќа за да живее во неа или да изгради па да ја препродаде. Досега не изградил, како што рече, зашто во тој период купувал и градел бензински пумпи, а потоа фатила кризата со ковид-пандемијата. Плаќањето, рече, било законски како што договориле правните тимови во договорот за купопродажба.
На прашање на адвокатите на Камчев дали го познава Никола Груевски, Стаиќ одговори дека ниту го познава ниту некогаш бил во иста просторија со него.
Одбраната со овие сведоци сака да докаже дека плацовите се легално купени и продадени, наспроти Обвинителството кое тврди дека Груевски е вистински сопственик на земјиштето, но со префрлање на сопственоста од една на друга фирма се криел вистинскиот сопственик.