Мојот наследник, министерот за здравство Фатмир Меџити, и покрај препораките на внатрешната ревизија со која јас како министер донесов одлука да се раскине договорот со БРАКО за изградба на модуларни болници и да не им се исплати до крајот на судскиот процес, минатиот месец преку Владата иницирал исплата за БРАКО, изјави поранешниот министер за здравство од редовите на Алтернатива, Беким Сали
Мора да се постави прашањето чија е иницијативата за амнестијата на БРАКО? Дали е тоа барање на премиерот Ковачевски, добра зделка за министерот Фатмир Меџити или, пак, директна наредба на Артан Груби, праша поранешниот министер за здравство Беким Сали по објавувањето на документарецот на ИРЛ за трагедијата во која пред две години животите ги загубија 14 луѓе.
Сали вели дека откако седнал во министерската фотелја, во септември 2022 г. побарал интерна ревизија за договорот за модуларните болници кои се користат како амбуланти, а на 25 јануари годинава извештајот бил финализиран и добил препорака Министерството за здравство да го раскине договорот со фирмата изведувач – БРАКО бидејќи било проценето дека анекс-договорот е незаконски. Но и покрај препораката, новиот министер Фатмир Меџити, според Сали, минатиот месец преку Владата иницирал исплата за БРАКО, со што го наградил еден од главните посочени виновници во емисијата „Убиство во Тетово“.
„Која е обврската која оваа власт ја има кон Анѓушев и зошто се гази по жртвите од пожарот за корист од неколку милиони евра? Што друго треба да се случи за Ковачевски и Меџити да поднесат оставки?“,
прашува Сали.
Тој побара одговорност и од државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, за кого кажа дека наместо да бара виновници кај оние што ги изградиле модуларните болници, тој ги амнестирал.

Денеска, со реакција за наводите во документарниот филм на ИРЛ излезе и опозициската ВМРО-ДПМНЕ, од каде што прашуваат „до кога Јавното обвинителство ќе трепери пред олигархијата и луѓето од власта“, додека за државниот јавен обвинител Љубомир Јовески, од ВМРО-ДПМНЕ велат дека е „само статист во овој случај“.
„ИРЛ ги потврди сите наши сомнежи кои ги изнесовме уште пред две години. Потребно е да има одговорност и ќе одговараат сите од прв до последен“,
порачуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
За потсетување, Истражувачката репортерска лабораторија во документарецот насловен „Убиство во Тетово“, емитуван во неделата на националната телевизија МРТВ, повикувајќи се на документи и сведоштва до кои дошле, поставија нова димензија на целиот случај, трагајќи по одговорот на прашањето – дали имало или има обид да се сокријат одговорните за трагедијата?

За пожарот во тетовската модуларна болница во судскиот процес кој заврши на 5 јуни оваа година, Основниот суд во Тетово за кривичното дело тешки дела против општата сигурност ги осуди докторите Флорин Бесими и Артан Етеми и правното лице Клиничка болница Тетово. Тие добија затворски казни од една година и шест месеци, со услов во наредните три години да не го повторат делото.
Ослободителна пресуда судот донесе за докторот Бобан Вучевски, кој се товареше за делото непостапување по здравствени прописи. Заедно со Вучевски, и Клиничката болница е ослободена за делото непостапување по здравствени прописи, а на Клиничката болница ѝ е изречена парична казна од еден милион денари.
Во филмот на ИРЛ, пак, се открива дека првиот тендер за избор на изведувач на модуларните болници бил поништен поради сомневања на Министерството за локална самоупрва за недоследности во постапката и фаворизирање одредени фирми, по што Владата му ја доверила надлежноста за спроведување на набавката на Министерството за здравство. Лицето кое ја потпишало спорната техничка спецификација, од Министерството за здравство преминало да работи во „Брако“, фирмата која го доби тендерот за изградба на модуларните болници.