Одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали е пристигнат извештајот на Европската комисија за 2025 година, Сали рече дека сè уште не е, но оти би требало Владата да го добие во текот на оваа недела

Министерот за европски прашања Беким Сали вели дека земјата работи на десет критични точки, кои се обемни, а една од нив се реформите во Изборниот законик.
Сали одговарајќи на новинарски прашања за тоа дали е пристигнат извештајот на Европската комисија за 2025 година, рече дека сè уште не е, но оти би требало Владата да го добие во текот на оваа недела.
Посочи дека македонската јавност знае дека тој извештај е позитивен и 16 од 21 точка се прифатени.
„Тоа е одличен знак за нас. Предупредувањето на комесарката Марта Кос и на европратеникот Томас Вајц се однесуваат на најави за идниот период, односно за овој период до јуни за кој имаме два месеци и сметам дека критични се десетина точки. Значи, тоа се критични точки, кои се во грејс-период, не се зборува за другите, кои се тековни точки, чекори, кои треба да ги реализираме. Работиме на сите сфери, значи на грејс-периодот и на редовниот период, кој треба да го исполниме. Сметам дека нивната најава, предупредување, е превентивен знак за нашата држава, треба да работиме понапорно“,
рече Сали.
Тој рече дека шест точки од десетте критични веќе се при крај, завршени, и се очекува до крајот на април да се реализираат, а со цел нашата влада да има два месеци период на адаптација и за можни измени.
„Мораме да признаеме дека се многу специфични и не случајно се останати така и очекуваме повеќето од овие чекори да ги реализираме, некои се веќе завршени, и преостанатиот дел од редовните 27 чекори, кои се таргет-точки, очекувам повеќето да бидат исполнети од нашите институции“,
додаде Сали.
Рече дека една од специфичните точки е Изборниот законик, кој бара поголем, поширок консензус.
„Не можеме тоа да го направиме преку ден, само за да го исполниме тој чекор затоа што износот што го споменуваме е осум милиони евра за секој чекор. Меѓутоа, дали финансискиот дел е главниот мотив или, пак, исполнувањето на тој чекор, со цел функционирање на системот, е наша цел. Сметам дека како политичари треба да мислиме на идните процеси. Секако, и финансискиот дел е една инфузија за нашиот финансиски систем. Меѓутоа, ние како политичари треба да преземеме одговорност за иднината на државата и тука изборите ни се многу важен фактор“,
кажа министерот.
Евроамбасадорот Михаил Рокас потврди дека има уште 10 чекори што треба нашата земја да ги исполни до јуни, кои, како што рече, „се во рамките на грејс-периодот“.
„Ова е системот по којшто функционира реформската агенда и доколку периодот помине, а тие не се исполнат, тогаш парите се губат. Владата и министерствата што се засегнати со овие 10 чекори работат напорно да ги исполнат. На тоа се однесуваше предупредувањето и такво предупредување не беше испратено само кон Северна Македонија, туку и до другите земји кандидати што ги исполнуваат нивните реформски агенди. Значи, во тек е напорна работа, не можам да давам предвидувања, ќе треба да почекаме до крајот на јуни за да го видиме исходот“,
изјави Рокас.
Евроамбасадорот Рокас додаде дека исто така во тек е извештајниот период за чекорите што треба да се исполнат до јуни 2026 година.
„Јас и мојот тим тесно соработуваме со сите министерства и гледаме дека постои импулс за тоа. Но, не можам да предвидам каков ќе биде исходот на крајот од јуни, односно ќе треба да почекаме дотогаш“,
кажа Рокас.
Вчера, европратеникот и известувач за С Македонија во Европскиот парламент, Томас Вајц, во изјава дадена во интервју за „Еуроњуз Бугарија“ рече дека во последната година земјава не постигнала никаков напредок во спроведувањето на реформите. Тој повтори дека впишувањето на Бугарите во македонскиот Устав е неопходен чекор и услов за откочување на преговорите за членство во Европската Унија, но за да започнат вистинските преговори, како што рече, владата мора да ги спроведе реформите.
Премиерот Мицкоски, пак, одговарајќи на новинарски прашања, рече дека не знае кој извештај од известувачот Томас Вајц го читаат новинарите бидејќи извештајот што тој го има слушнато е комплетен антипод од поставените прашања.
Од СДСМ рекоа дека ризикот од неспроведувањето на реформската агенда е губење европски пари, за кои европратеникот рече дека наместо во Македонија, ќе одат кај други земји.
