Битола ќе го добие процутот онаков каков што треба да го има низ годините. Битола ќе биде економски центар во регионот, порача Сајкоски
За Битола се предвидени многу инфраструктурни проекти, во новата програма „Платформа 1198“ за Битола е предвидено да се изгради обиколница што ќе ја поврзува со Грција. Предвидено е да се изгради автопат кој ќе ја поврзува Битола со Прилеп, а исто така предвидено е да се изгради патот Градско-Прилеп, со тоа што Битола ќе биде поврзана инфраструктурно и ќе има добра можност за економски развој, порача Ѓорѓија Сајкоски, носител на листата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата во ИЕ 5.

Предвидена е реконструкција и рехабилитација на патот Кичево-Охрид, како и подобрување на патната инфраструктура кон Ресен, додаде Сајкоски.
„Исто така, во програмата на ВМРО-ДПМНЕ ‘Платформа 1198’ предвидено е подобрување на железничката инфраструктура. Со ова, на Битола ќе дадеме можност за економски раст и развој. Можност за подобра иднина на сите, и за младите и за возрасните. Битола ќе го добие процутот онаков каков што треба да го има низ годините. Битола ќе биде економски центар во регионот“,
кажа Сајкоски.
Во рамки на кампањата „Македонија повторно твоја! Промените во твои раце!“ носителот на ИЕ 3, Драган Ковачки, кој е во посета на Штип, порача дека со „Платформата 1198“ ќе се развива истокот.

„Планираме изградба на клиничката болница во Штип, планираме обиколница околу нашиот Штип и секако планираме физибилити студија, изработка на проект за поврзување на Штип со Струмица. Како што работи успешно нашиот градоначалник во Штип, така планираме да работиме и ние на централно ниво“,
рече Ковачки.