Соединетите Американски Држави сакаат Русија да се согласи на сеопфатен 30-дневен прекин на огнот. За време на првата рунда директни разговори меѓу Русија и Украина на 16 мај не беше постигнат договор за прекин на огнот, што Москва го оцени како невозможно додека не се исполнат одредени услови
Соединетите Американски Држави му порачаа на Советот за безбедност на Обединетите нации дека нивниот предлог за прекин на огнот во Украина е најдобриот можен исход за Русија и дека претседателот Владимир Путин треба да го прифати договорот.

Соединетите Американски Држави сакаат Русија да се согласи на сеопфатен 30-дневен прекин на огнот. За време на првата рунда директни разговори меѓу Русија и Украина на 16 мај не беше постигнат договор за прекин на огнот, што Москва го оцени како невозможно додека не се исполнат одредени услови.
„Сакаме да соработуваме со Русија, вклучувајќи ги и оваа мировна иницијатива и економскиот пакет. Нема воено решение за овој конфликт. Договорот што се нуди сега е најдобриот можен исход за Русија. Претседателот Путин треба да го прифати“,
изјави вршителот на должноста заменик-амбасадор на САД, Џон Кели, пред Советот за безбедност.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, го започна својот втор мандат во јануари ветувајќи брз крај на тригодишната војна на Русија во Украина. Кели рече дека првиот чекор на САД бил да предложи итен, безусловно и сеопфатен прекин на огнот, што Украина го прифати, под услов да има согласност од Русија.
„Оттогаш ја охрабруваме Русија да го прифати прекинот на огнот“,
рече тој.
Предупредување до Русија
„Доколку Русија донесе погрешна одлука да ја продолжи оваа катастрофална војна, САД ќе мора да размислат за повлекување од нашите преговарачки напори за завршување на овој конфликт“,
предупреди тој додавајќи дека Вашингтон би можел да воведе и дополнителни санкции врз Русија.
Кели рече дека откако Трамп и Путин разговарале по телефон минатата недела, сега се очекува Русија да поднесе план за преговори во кој во широка смисла ќе ја опише својата визија за прекин на огнот во конфликтот, кој започна кога Москва го нападна својот сосед во февруари 2022 година.
„Ќе ја процениме сериозноста на Русија во врска со завршувањето на војната не само според содржината на тој план, туку, што е поважно, според нејзините постапки“,
рече Кели осудувајќи ги неодамнешните напади на Русија врз Украина како покажување „никаква желба за мир“.
Ставот на Русија
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во средата изјави дека Москва составила меморандум во кој го наведува својот став за решавање на војната во Украина. Но, Украина соопшти дека Москва сè уште не го споделила својот предлог.
Амбасадорот на Русија во ОН, Василиј Небензја, изјави дека Москва има намера да продолжи со сериозни, директни преговори со Украина. Русија предложи втората рунда директни разговори да се одржи в понеделник во Истанбул.
„Топката е во дворот на Украина: или разговори, потоа мир, или неизбежен пораз на Украина на бојното поле со различни услови за крај на конфликтот“,
изјави Небензја пред Советот за безбедност.
Украинска позиција
Заменик-амбасадорката на Украина во ОН, Кристина Хајовишин, изјави дека Русија не сигнализира никаква вистинска намера да ја запре војната и ги повика земјите да воведат построги санкции врз Москва.
„Украина постојано покажува посветеност на дипломатијата и останува отворена за секој формат што може да произведе опипливи резултати“,
рече таа, но додаде дека Киев никогаш нема да ги признае руските претензии кон која било окупирана украинска територија.