Oд друга страна, американски функционери за Си-ен-ен изјавиле дека Пентагон почнува со прераспроредување на илјадници американски маринци и морнари на Блискиот Исток, додека војната со Иран е на прагот да влезе во својата четврта недела
Во објава на Трут соушл, америнанскиот претседател вели дека Ормускиот теснец ќе мора да биде чуван и контролиран, но тоа треба да го прават земјите што го користат, а САД, како што додава, не се меѓу нив
Американскиот претседател Доналд Трамп вечерва во нова објава на неговата социјална платформа Трут соушл напиша дека Соединетите Американски Држави размислуваат за „олабавување“ на воените напори на Блискиот Исток, пренесе Си-ен-ен.

„Се приближуваме до исполнување на нашите цели додека размислуваме за намалување на нашите големи воени напори на Блискиот Исток во однос на терористичкиот режим на Иран“,
напиша тој.
Трамп во објавата наведува список цели што вели дека се постигнати, а кои вклучуваат уништување на ракетните капацитети на Иран и елиминирање на воздухопловни сили и морнарицата на земјата.
Во продолжение, тој вели дека Ормускиот теснец ќе мора да биде чуван и контролиран, но тоа треба да го прават земјите што го користат, а САД, како што додава, не се меѓу нив.
„Ормутскиот теснец ќе мора да биде чуван и контролиран, по потреба, од други нации кои го користат – САД не го прават тоа! Доколку се побара, ние ќе им помогнеме на овие земји во нивните напори за Ормуз, но тоа не би требало да биде потребно откако заканата од Иран ќе биде искоренета. Важно е што тоа ќе биде лесна воена операција за нив“,
наведува Трамп во објавата.

Излегувајќи од Белата куќа денеска попладне, американскиот претседателот за новинарите изјави дека верува оти САД ја добиле својата војна со Иран. Но, од друга страна, американски функционери за Си-ен-ен изјавиле дека Пентагон почнува со прераспроредување на илјадници американски маринци и морнари на Блискиот Исток, додека војната со Иран е на прагот да влезе во својата четврта недела. Идентична вест објави и агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на тројца американски функционери.
Инаку, денеска Велика Британија им даде зелено светло на Соединетите Американски Држави (САД) да ги користат нејзините бази за напад врз ирански ракетни локации што таргетираат бродови во Ормускиот теснец, клучниот коридор за испораки на нафта од Персискиот Залив до глобалните пазари, пренесоа тамошните медиуми.
„Министрите што денеска се состанаа потврдија дека договорот за користење на британските бази од страна на САД во колективната самоодбрана на регионот вклучува американски одбранбени операции за деградирање на ракетни локации и капацитети што се користат за напад врз бродови во Ормутскиот теснец“,
се вели во соопштението на британската влада.
Велика Британија и други западни земји изразија загриженост поради притисокот да бидат вовлечени во војната, а неподготвеноста на многумина да се приклучат на операциите за ослободување на теснецот предизвика остри критики од американскиот претседател Доналд Трамп.
Тој денеска на својата социјална платформа Трут соушл (Truth social) напиша дека членките на НАТО што одбиваат да се приклучат на напорите за отворањето на теснецот се „кукавици“ и дека Алијансата без САД е само „тигар од хартија“.
Во врска со одлуката на Лондон, новинската агенција Ројтерс објави коментар на Трамп, во кој американскиот претседател вели дека Велика Британија требало да дејствува побрзо во обезбедувањето помош на САД.
Инаку, Велика Британија, Франција, Германија, Италија, Холандија и Јапонија вчера изразија подготвеност да „придонесат во соодветни напори за обезбедување безбеден премин низ теснецот“, но во заедничката изјава не наведоа кои конкретни чекрои планираат да ги преземат.
Денеска и романскиот претседател Никусор Дан објави дека неговата земја ќе се приклучи на групата, наведувајќи дека неговата земја е подготвена да учествува во напорите на меѓународната заедница што ќе доведат до одржување на цените на нафтата на подносливо ниво за населението, пренесе Радио Слободна Европа (РСЕ).
Британскиот премиер Кир Стармер неделава изјави дека Велика Британија нема да биде вовлечена во војна со Иран, отфрлајќи го првично барањето на САД за користење на британските бази за напад врз Иран, велејќи дека треба да биде сигурен дека секоја воена акција е легална.
Сепак, Стармер се предомисли откако Иран ги нападна британските сојузници низ Блискиот Исток. Тој изјави дека САД би можеле да ги користат базите „Ферфорд“ во Англија и „Диего Гарсија“, американско-британска база во Индискиот Океан.
