Американското Министерство за финансии кон крајот на октомври воведе санкции против „Лукоил“ и „Роснефт“ со образложение дека сака да го ограничи буџетскиот капацитет на Русија за финансирање на војната во Украина
САД повторно го продолжија рокот за завршување на преговорите за купување странски средства на руската нафтена компанија „Лукоил“, овој пат до 1 април, објави американското Министерство за финансии.

Според општото овластување на Канцеларијата за контрола на странски средства (ОФАЦ) при Министерството за финансии на САД, договорот за купопродажба може да се склучи до 1 април 2026 година.
ОФАЦ веќе ја продолжи лиценцата во декември, до 17 јануари, а потоа до 28 февруари.
Минатата година, ОФАЦ го продолжи рокот за склучување трансакции со меѓународната мрежа на бензински пумпи „Лукоил“ до 28 април оваа година.
Американското Министерство за финансии кон крајот на октомври воведе санкции против „Лукоил“ и „Роснефт“ со образложение дека сака да го ограничи буџетскиот капацитет на Русија за финансирање на војната во Украина.
Неколку дена подоцна „Лукоил“ објави дека има намера да продаде странски средства, потврдувајќи дека прифатил понуда од швајцарскиот мултинационален трговец со суровини „Гунвор“, но Вашингтон го блокира договорот.
На крајот на јануари „Лукоил“ објави дека потпишал договор за продажба на средства во странство со американската инвестициска компанија „Карлајл“, со исклучок на удел во енергетски проекти во Казахстан, но извори блиски до руската компанија изјавија на почетокот на февруари дека договорот сè уште не е склучен.
Американската инвестициска компанија штотуку почнала да ги „чешла“ средствата на „Лукоил“, изјавија изворите, а руската компанија истакна дека сè уште преговараат со други заинтересирани купувачи.
Американската компанија „Шеврон“, исто така, е заинтересирана за купување на средствата на „Лукоил“, наведуваат неименувани извори од почетокот на месецот.
„Шеврон“ неделава го презеде од државната ирачка компанија „Басра оил“ управувањето со производството на нафтеното поле „Западна Курна 2“, во кое „Лукоил“ има 75 проценти удел, додека ирачката државна компанија „Јужен оил“ поседува 25 проценти.
„Западна Курна 2“ е меѓу најголемите нафтени полиња во светот и произведува 460 000 барели нафта дневно, што одговара на речиси 0,5 проценти од светското производство и околу девет проценти од ирачкото.
„Лукоил интернешнал“, подружница на руската група со седиште во Виена, поседува рафинерии во Бугарија, Романија и Холандија, акции во нафтени полиња во Казахстан, Узбекистан, Ирак, Мексико, Гана, Египет и Нигерија, како и мрежа на бензински пумпи во 20 земји, вклучувајќи ги Хрватска и САД.
Вредноста на меѓународните средства на рускиот нафтен гигант се проценува на околу 22 милијарди долари, наведуваат британските медиуми.
