Големиот настан беше планиран на крајот на август во Северна Каролина, каде што гувернерот не успеа да обезбеди гаранции за сигурност поради ограничувањата со ковид-19
Американскиот претседател Доналд Трамп синоќа изјави дека Републиканската партија ќе ја презакаже партиската конвенција откако не успеа да обезбеди гаранции од гувернерот на Северна Каролина, Рој Купер, поради ограничувањата со коронавирусот, јави ДПА.
Големиот настан во оваа држава беше планиран за крајот на август, каде што требаше да се случи церемонијата на официјалното номинирање на Трамп за кандидат на претседателските избори во ноември.
„Одамна планирав Републиканската национална конвенција да се одржи во Шарлот, во Северна Каролина, местото што го сакам“,
напиша Трамп на Твитер.
ДПА додава дека гувернерот Купер, претходно, во писмото до републиканците што го објави на Твитер, изјави дека планираната партиска конференција, со околу 19.000 делегати на стадион, ќе биде изводлива само доколку се обезбедат ограничувањата за да се запре ширењето на коронавирусот.
„Партиска конференција без мерки на претпазливост, како што се носење маски или помал број учесници, во моментов се чини многу малку веројатна“,
напиша гувернерот Купер.
Во САД секоја сојузна држава носи свои одлуки за примената на ограничувањата на коронавирусот и кога треба да се укинат.
Во моментов, сепак, малку е веројатно дека ќе може да се одржуваат големи настани со висока стапка на посетеност, при што учесниците ќе можат да одржуваат безбедна дистанца.
Германската агенција додава дека претседателот Трамп веќе одби да учествува на виртуелна партиска конвенција.