На оваа одлука на САД може да се приклучат и други земји, како Австралија и Канада, а можеби и некои европски земји со оглед дека Европскиот парламент во јули годинава повика на дипломатски бојкот на ЗОИ
САД денеска и официјално објавија дека нема да испратат владини претставници на Зимските олимписки игри (ЗОИ), закажани во периодот од 4 до 20 февруари идната година во Пекинг, по што Кина вети „контрамерки“ на таквиот дипломатски бојкот.
Претседателот Џон Бајден минатиот месец изјави оти размислува за таков дипломатски бојкот со цел на тој начин да изрази критика на состојбата со човековите права во Кина, вклучувајќи го и тоа што официјален Вашингтон го нарекува „геноцид врз муслиманското малцинство во западната кинеска провинција Ксинџијанг“.
„Администрацијата на Бајден нема да испрати дипломатско или официјално претставништво на Зимските олимписки игри и Параолимписките игри во Пекинг 2022 имајќи го предвид геноцидот што се врши во Народна Република Кина и злосторствата против човештвото во Ксинџијанг, како и другите случаи на кршење на човековите права“,
изјави портпаролката на Белата куќа, Џен Псаки.
На оваа одлука на САД може да се приклучат и други земји, како Австралија и Канада, а можеби и некои европски земји со оглед дека Европскиот парламент во јули годинава повика на дипломатски бојкот на ЗОИ.
САД треба да бидат домаќини, пак, на Летните олимписки игри 2028 во Лос Анџелес, што го наметнува и прашањето каков во меѓувреме би можел да биде одговорот на Кина на објавениот дипломатски бојкот на игрите во Пекинг.
Во меѓувреме, се огласи и Меѓународниот олимписки комитет (МОК) од каде наведуваат дека ја почитуваат одлуката на Вашингтон и го поздравуваат тоа што со ова САД не го доверуваат во прашање учеството на американските спортисти на ЗОИ.
„Присуството на владини претставници и дипломати е чиста политичка одлука на секоја влада која МОК во својата политичка неутралност, во целост ја почитува. Истовремено, оваа најава јасно потврдува дека Олимписките игри и учеството на спортистите е надвор од политиката и ние тоа го поздравуваме“,
изјавиле од МОК за „Франс-прес“.