Централната команда на САД соопшти дека последниот напад на американската војска бил насочен кон радарски објект на хутите, со цел да се деградира способноста на оваа група да напаѓа поморски, вклучително и комерцијални бродови
Американските сили рано утринава извршија дополнителни напади врз локации на хутите во Јемен, еден ден откако во координација со Велика Британија извршија одделни воздушни и ракетни напади на областите кои се под контрола на јеменските хути.
Централната команда на САД во објава на социјалните мрежи соопшти дека последниот напад на американската војска бил насочен кон радарски објект на хутите, со цел да се деградира способноста на оваа група да напаѓа поморски, вклучително и комерцијални бродови.
Денешниот напад е опишан како „продолжена акција“ на нападите од вчера.
„Во 3:45 часот (по време на Сана) на 13 јануари, американските сили извршија напад врз радарска локација на Хутите во Јемен. Овој напад беше изведен од американскиот воен брод ‘УСС Карни’ со помош на проектили за копнени напади ‘томахавк’ и беше следна акција поврзана со нападите извршени на 12 јануари, дизајнирани да ја деградираат способноста на хутите да напаѓаат поморски бродови“,
соопшти Централната команда на САД.
At 3:45 a.m. (Sana’a time) on Jan 13., U.S. forces conducted a strike against a Houthi radar site in Yemen. This strike was conducted by the USS Carney (DDG 64) using Tomahawk Land Attack Missiles and was a follow-on action on a specific military target associated with strikes… pic.twitter.com/YE5BKJLGBv
— U.S. Central Command (@CENTCOM) January 13, 2024
Во меѓувреме, телевизискиот канал Ал Масира управуван од хутите рано во саботата, по локално време, објави дека главниот град на Јемен, Сана, бил цел на воздушни напади, пренесе Си-ен-ен.
„Американско-британскиот непријател го гаѓа главниот град Сана со голем број воздушни напади“,
објави телевизијата Ал Масира, управувана од хутите.
Луѓе што живеат во главниот град на Јемен на социјалните мрежи пријавија дека слушнале неколку експлозии.
САД и Велика Британија вчера извршија воздушни и ракетни напади на областите во Јемен кои се под контрола на Хутите, со цел да ги запрат нападите на оваа милитантна религиозна група врз бродовите во Црвеното Море.
- САД и Британија извршија воздушни напади врз хутите во Јемен, Русија побара итна седница на СБ на ОН
Белата куќа вчера соопшти дека САД не сакаат војна со Јемен, но дека нема да се двоумат да преземат понатамошни чекори, додавајќи дека американскиот претседател Џо Бајден ги одобрил нападите како одговор на нападите со беспилотни летала на хутите врз бродови во Црвеното Море.