Бесент рече оти се надева дека разговорите во Стокхолм ќе се прошират и на други отворени прашања, вклучувајќи ги и барањата на САД до Пекинг да го забави прекумерното производство и да се сврти повеќе кон развојот на потрошувачката економија
Американскиот министер за финансии Скот Бесент изјави дека следната недела во Стокхолм веројатно ќе се согласи на продолжување на рокот за трговија што го постави американскиот претседател Доналд Трамп за Кина.
Двете страни се согласија кон средината на мај за 90-дневна суспензија на повеќето високи царини за стоките на другата страна за да продолжат преговорите.
Тој привремен договор истекува на 12 август.
„Но, ќе работиме на она што веројатно ќе биде продолжување. Мислам дека трговските односи со Кина се на многу добро место“,
рече Бесент во интервју за „Фокс бизнис“.
Шведскиот премиер Улф Кристерсон потврди дека неговата земја ќе биде домаќин на нова рунда трговски разговори меѓу Вашингтон и Пекинг следната недела.
„Позитивно е што двете земји сакаат да дојдат во Шведска и да бараат меѓусебно разбирање. Иако разговорите првенствено се однесуваат на односите меѓу САД и Кина, тие се од големо значење и за глобалната трговија и светската економија. Зачувувањето на меѓународната трговија заснована на правила и економските интереси на Шведска во сложена глобална средина е еден од приоритетите на нашата влада“,
напиша Кристерсон на платформата Икс.
Бесент рече оти се надева дека разговорите во Стокхолм ќе се прошират и на други отворени прашања, вклучувајќи ги и барањата на САД до Пекинг да го забави прекумерното производство и да се сврти повеќе кон развојот на потрошувачката економија.
„САД исто така сакаат да разговараат за руската и иранската нафта што Кина ја купува, погодена од санкциите, и што тие прават за да ѝ помогнат на Русија во нејзината војна против Украина. Мислам дека сега достигнавме ново ниво на односи со Кина, што е многу конструктивно. Сега кога трговијата се стабилизира на добро ниво, можеме да постигнеме многу“, додаде тој.
Напредокот доаѓа по неколку рунди разговори во кои САД и Кина се повлекоа од царините што се закануваа сериозно да ја нарушат трговијата меѓу двете најголеми економии во светот.
Во април, Трамп драматично ги зголеми царините за кинески стоки наметнувајќи ефективна стапка од 145 отсто, сигнализирајќи го поагресивниот пристап на неговата администрација кон редефинирање на глобалните трговски односи.
Кина одговори со контрамерка – царини од 125 отсто за американскиот извоз.
По првата рунда разговори во Женева во мај, двете страни се согласија да ги намалат тие стапки за 115 отсто.
Тој прелиминарен договор беше потврден на состанок во Лондон кон крајот на јуни.