Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека е подготвен да одобри понатамошни напади врз цели во Јемен доколку не престанат нападите на хутите врз бродовите во Црвеното Море
Во меѓувреме хутите соопштија дека нема да запрат со нападите на бродовите кои пловат кон Израел или се поврзани со него и порачаа дека САД и Велика Британија ќе платат висока цена за агресијата кон Јемен. Со осуда на нападите веднаш реагираше иранското Министерство за надворешни работи, од каде што, според Би-би-си, велат дека станува збор за јасно кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Јемен и на меѓународните закони
Соединетите Американски Држави (САД) и Велика Британија извршија воздушни и ракетни напади на областите во Јемен кои се под контрола на Хутите, а со цел да ги запрат нападите на оваа милитантна религиозна група врз бродовите во Црвеното Море, соопштија Вашингтон и Лондон, пренесуваат светските медиуми.
Американскиот претседател Џо Бајден изјави дека американските и британските сили, поддржани од Австралија, Бахреин, Канада и Холандија, биле вклучени во нападите извршени ноќеска, чија цел биле десетина локации во Јемен.
„Овие напади се директен одговор на нападите без преседан на хутите врз меѓународните поморски бродови во Црвеното Море – вклучително и употребата на противбродски балистички ракети првпат во историјата. Овие напади го загрозија американскиот персонал, цивилните морнари и нашите партнери, ја загрозија трговијата и ја загрозија слободата на навигација“,
изјави американскиот претседател, пренесува „Гардијан“.
Бајден, исто така, рече дека е подготвен да одобри понатамошни напади врз Јемен доколку нападите на хутите врз бродовите не престанат.
„Нема да се двоумам да насочам дополнителни мерки за заштита на нашиот народ и слободниот проток на меѓународната трговија доколку е потребно“,
рече тој.
Претставници на хутите излегоа со тврдења дека веднаш возвратиле на нападите, но висок американски воен функционер синоќа изјави дека ниту еден одговор на групата досега не е материјализиран.
Во меѓувреме хутите соопштија дека нема да запрат да ги напаѓаат бродовите во Црвеното Море кои пловат кон Израел или се поврзани со него.
Официјалните претставници на групата предупредија и порачаа дека САД и Велика Британија ќе платат висока цена за оваа агресија.
Нивниот портпарол Мохамед Абдулсалам рече дека нема никакво оправдување за агресијата од страна на САД и Велика Британија врз Јемен.
„Потврдуваме дека нема апсолутно никакво оправдување за оваа агресија против Јемен, бидејќи немаше закана за меѓународната пловидба во Црвеното и Арапското Море. Цел беа и ќе продолжат да бидат израелските бродови или на оние што се упатуваат кон пристаништата на окупирана Палестина“,
напиша тој во објавата на социјалната мрежа Икс.
Со осуда на нападите врз цели во Јемен веднаш реагираше иранското Министерство за надворешни работи, од каде, според Би-би-си, велат дека станува збор за јасно кршење на суверенитетот и територијалниот интегритет на Јемен и на меѓународните закони.
„Нападите нема да имаат никаков резултат освен поттикнување несигурност и нестабилност во регионот“,
рече портпаролот на Министерството Насер Канани во објава на Телеграм.
Во меѓувреме и либанската вооружена група Хезболах, поддржана од Иран, исто така, ги осуди нападите врз Јемен.
„Американската агресија уште еднаш потврдува дека САД се целосен партнер во трагедиите и масакрите извршени од страна на ционистичкиот непријател во Газа и во регионот“,
соопшти групата, пренесува Ројтерс.
Во врска со последните случувања во регионот на Блискиот Исток, Русија за денеска побара итен состанок на на Советот за безбедност на Обединетите нации (ОН), соопшти постојната мисија на земјата во ОН.
Од Мисијата за руската државна новинска агенција ТАСС изјавиле состанокот бил закажан за 10 часот во Њујорк, односно во 15 часот според Гринич.
Инаку, во средата Советот за безбедност на ОН со резолуција побара од јеменските Хути веднаш да запрат со нападите на бродовите во Црвеното Море. Русија и Кина, кои се постојани членки на Советот, беа воздржани при гласањето за резолуцијата, заедно со Алжир и Мозамбик, додека за неа гласаа 11 земји.
Кои се хутите
Инаку, хутите се вооружена група од потсекта на јеменското шиитско муслиманско малцинство – Заиди.
Тие се декларираат како дел од „оската на отпор“ предводена од Иран, заедно со групите Хамас и Хезболах, а насочена против Израел, САД и нивните западни сојузници.
Хамас и Хезболах се означени како терористички организации од страна на Велика Британија, САД и други земји.
Поголемиот дел од јеменското население живее во области под контрола на Хутите. Покрај главниот и најголем град во Јемен, бунтовничката група го контролира и северниот дел на земјата и крајбрежјето на Црвеното Море, пишува британскиот национален сервис.
Хутите почнаа да ги напаѓаат бродовите во Црвеното Море кои пловат кон Израел по почетокот на војната меѓу Израел и Хамас на 7 октомври. Во меѓувреме заканата од групата по оваа важна трговска рута стана толку голема што големите бродски компании престанаа да пловат во регионот, а трошоците за осигурување се зголемија за 10 пати од почетокот на декември.
Ова беше причина силите предводени од САД и Велика Британија да организираат воздушни напади врз цели во регионот.