„Ова е 26. напад на хутите на комерцијалните бродски патеки во Црвеното Море од 19 ноември… На бродовите им се препорачува да транзитираат со претпазливост и да пријават каква било сомнителна активност“, соопштиле од Централната команда на американската војска
Јеменските бунтовници хути истрелале еден од најголемите баражи на беспилотни летала и проектили насочени кон бродови во Црвеното Море, поради што воените бродови на американската и британската морнарица стационирани во ова море ги зголемија своите ангажмани за одговор на нападите, соопштиле денеска властите на двете земји, пренесува британски „Гардијан“.

Бродовите на двете морнарици интервенирале во соборување на дроновите и проектилите, а во случајот, според досегашните информации, не се забележани штети или пријави за повредени лица.
Новинската агенција Асошиејтед прес, на која се повикува британскиот весник, објавила дека нападот на хутите, религиозна група во Јемен поддржана од Иран, се случува пред планираното гласање на Советот за безбедност на Обединетите нации најавено за денеска, а кое се очекува да ги осуди и да побара итно запирање на нападите на бунтовниците.
Од друга страна, според претставници на хутите, нивните напади имаат за цел да ја запрат израелската војна против Хамас во Појасот Газа, која беснее од 7 октомври минатата година.
Сепак, според коментарите што ги пренесуваат медиумите, нивните напади сè помалку се поврзани со Израел, а сè повеќе го загрозуваат еден од клучните светски трговски патишта што ги поврзува Азија и Блискиот Исток со Европа. Ова, како што се наведува во коментарите, го зголемува ризикот од напади на САД врз Јемен што може да го наруши кревкиот прекин на огнот што се одржува во најсиромашната земја во арапскиот свет.
Инаку, најновиот напад се случил во близина на јеменските пристанишни градови Ходеида и Мока, пишува „Гардијан“ повикувајќи се на приватната разузнавчка фирма „Амбри“. Во инцидентот во Ходеида, според она што било опишано преку радиокомуникација, биле забележани проектили и беспилотни летала, а воените бродови на сојузниците на САД во областа ги повикувале пловилата да продолжат да се движат со максимална брзина.
Во близина на Мока, пак, од бродовите биле забележани истрелани проектили, беспилотно летало во воздух и група мали бродови како ги следат.

Надлежните служби за поморски трговски операции на британската војска го потврдиле инцидентот кај Ходеида.
Од Централната команда на американската војска – Сентком (Centcom) изјавиле дека комплексниот напад што го извршиле Хутите вклучувал беспилотни летала со бомби, противбродски крстосувачки ракети и една противбродска балистичка ракета.
Се наведува дека 18 беспилотни летала, две крстосувачки ракети и противбродската ракета биле соборени од авиони од типот Ф-18 од американските носач на авиони „Ајзенхауер“, како и од американски разурнувачи од класата Арли Бурк – „Гравели“, „Лабун“ и „Мејсон“, како и британскиот „Дајмонд“.
Ова е 26. напад на Хутите на комерцијалните бродски патеки во Црвеното Море од 19 ноември… На бродовите им се препорачува да транзитираат со претпазливост и да пријават каква било сомнителна активност, соопштиле од Централната команда на американската војска.
Инаку хутите, шиитска група која го држи под контрола главниот град на Јемен од 2014 година, официјално не ја презеде одговорноста за нападот. Сепак, Ал Џезира цитира анонимен воен функционер на хутите, кој рекол дека нивните сили нишанеле во брод поврзан со Израел во Црвеното Море, без да наведе детали.
Иран, од своја страна, ги отфрли повиците на САД и Велика Британија да ја прекине поддршка на нападите на хутите врз бродовите поврзани со Израел. Коалицијата на држави предводена од САД патролира во Црвеното Море во обид да ги спречи ваквите напади.