Од американската амбасада во Москва предупредуваат до граѓаните дека доколку сакаат да ја напуштат Русија треба да направат индивидуални аранжмани за патување што е можно поскоро
Амбасадата на САД во Москва упати повик до своите граѓани веднаш да ја напуштат Русија.
Од Амбасадата наведуваат дека на 21 септември руската влада почнала да ги мобилизира своите граѓани во вооружените сили за поддршка на инвазијата на Украина и дека Русија може да одбие да им го признае двојното државјанство на американските граѓани.
Тие, исто така, предупредуваат дека Русија може да им го забрани пристапот до американската конзуларна помош, да го спречи нивното заминување од Русија и да регрутира двојни државјани во војска.
Од Амбасадата на САД наведуваат дека опциите за комерцијални летови во моментов се многу ограничени и честопати недостапни за кратко време.
„Копнените линии со автомобил и автобус сè уште се отворени. Доколку сакате да ја напуштите Русија, треба да направите индивидуални аранжмани за патување што е можно поскоро“,
забележува американската амбасада предупредувајќи дека можностите за превоз може да бидат уште поограничени.
Американските граѓани не треба да патуваат во Русија, а оние што живеат или патуваат во Русија треба веднаш да ја напуштат земјата додека сè уште се во сила ограничувањата за комерцијални патувања, соопшти Амбасадата.
Претходно и владите на Бугарија и Полска ги повикаа своите граѓани кои сè уште се во Русија веднаш да ја напуштат таа држава.
МНР на Бугарија ги повика своите граѓани „да се воздржат од патување во Руската Федерација“ и ги советува бугарските државјани во Русија „да ја разгледаат можноста да ја напуштат земјата што е можно поскоро користејќи ги моментално достапните транспортни средства“.
Слично соопштение даде и полското Министерство за надворешни работи, како и естонското.
„Во случај на драстично влошување на безбедносната ситуација, затворање на границите или други непредвидени околности, евакуацијата би можела да биде значително потешка, па дури и невозможна. Им препорачуваме на граѓаните на Полска кои се на територијата на Русија да ја напуштат нејзината територија користејќи достапни комерцијални и приватни транспортни средства“,
се вели во соопштението на полското Министерство за надворешни работи.