На средбата, остварена на маргините на министерскиот состанок на НАТО, Османи со Блинкен и Шоле разговарал и за соработката и активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, регионалните актуелности, поддршката за постигнатиот договор меѓу Косово и Србија, како и политичките состојби во С Македонија
Силна поддршка за евроинтегративниот процес на Северна Македонија добил министерот за надворешни работи Бујар Османи во разговор со државниот секретар на САД, Ентони Блинкен и советникот на Стејт департментот, Дерек Шоле.
Според Блинкен и Шоле, евроинтегративниот процес на земјава е споделен стратегиски интерес на Северна Македонија и САД и влог во целокупната регионална стабилност.
На средбата, остварена на маргините на министерскиот состанок на НАТО, Османи со Блинкен и Шоле разговарал и за соработката и активностите во рамки на Стратешкиот дијалог, регионалните актуелности, поддршката за постигнатиот договор меѓу Косово и Србија, како и политичките состојби во С Македонија.
Министерот Османи денес ја продолжува посетата на НАТО во Брисел, втор ден од министерскиот состанок на НАТО со средби со неговите колеги.
На министерскиот состанок на НАТО во фокусот на разговорите треба да биде политиката на отворени врати на НАТО, што, како што се наведува, се потврдува со пристапувањето на Финска како 31. земја членка на Алијансата.
На состанокот се очекува да се разговара и за актуелните безбедносни предизвици, последиците од руската инвазија, како и поддршката за Украина.