САД работат да се одржи и договорот со Грција, потенцира О’Брајан
Соединетите Американски Држави активно ќе се вклучат во разговорите меѓу Скопје и Софија штом Бугарија добие стабилна влада, порача државниот секретар за европски и евроазиски прашања Џејмс О`Брајан. На сослушување пред Комитетот за надворешни работи на Сенатот, О’Брајан, како што пренесе Гласот на Америка, рече дека Северна Македонија страда поради несогласувањата со соседите, што е еден од проблемите за пристапување во ЕУ и постојано влијае на менување на условите.
Ставот на О’Брајан е одговор на прашање од демократската сенаторка од Њу Хемпшир, Џин Шахин – што можат САД да направат повеќе да ги охрабрат Европејците да ги исполнат ветувањата за државите од Западен Балкан што ги направиле бараните реформи, без да ги менуваат правилата или условите за нивно придвижување кон ЕУ, како што е случајот со Северна Македонија.
„Главното прашање е договорот што Северна Македонија го има со Бугарија и штом Бугарија има постабилна влада ќе треба да има разговори за точниот начин на кој да се имплементира. Значи, тоа ќе биде област каде што очекувам и ние да бидеме многу активни“,
рече О’Брајан.
Во однос на прашањето за Северна Македонија, САД работат да се одржи и договорот со Грција, нагласи О’Брајан.
„Дел од нашата дипломатска работа е да подготвиме пат за да го одржи договорот што го има со Грција и мислам дека вашата средба и другите помогнаа да се задржи тоа Грција да стане пријател на патот на Северна Македонија напред наместо критичар. Исто и со Албанија,“
вели О’Брајан.
Пред две недели, по Самитот на НАТО во Вашингтон, од американскиот Стејт департмент порачаа дека САД ќе работат со Скопје и Атина да се одржат придобивките од Договорот од Преспа бидејќи станува збор за историско достигнување. Прашањето до Стејт департментот беше упатено од сервисот на македонски јазик од Гласот на Америка бидејќи премиерот Мицкоски за време на самитот не го употребуваше уставното име на земјата во јавните настапи.
„Договорот од Преспа беше историско достигнување во отклучувањето на безбедносните придобивки во Јужна и Источна Европа. САД го поддржуваат овој витален договор, ја повторуваат важноста од негово почитување и ќе работат со сите страни за да ги одржат неговите придобивки“,
се наведува во одговорот од Стејт департментот.
Американската амбасадорка Анџела Агелер неодамна порача дека нема одново преговори за Преспа ниту со Бугарија за напредок во ЕУ.
„Нема одново преговарање на Преспа, нема одново преговарање за напредок кон ЕУ. Тоа е многу јасно. Има разлика што се кажало во кампањите, што се кажало низ години, а што сега за да се оди напред. И силно се надеваме дека е направен прогрес, дека тие стари употреби или терминологии може да се остават на страна и дека соседите, сеедно кој, почнувајќи од Северна Македонија, ќе може да имаат важни разговори од кои сите инволвирани ќе имаат корист. Се надеваме дека тоа ќе го видиме“,
рече Агелер.