Од СЕП велат дека процесот се одвива непречено, а објаснувачкиот и билатералниот скрининг за кластерите 1 и 2 се комплетно завршени. Во тек е скринингот за третиот кластер, а паралелно се затвора и четвртиот
Во Брисел денеска Северна Македонија ќе го почне билатералниот скрининг со Европската Унија (ЕУ) за Поглавјето 25 – Наука и истражување, кое е дел од третиот кластер „Конкурентност и инклузивен раст“.
Делегацијата ќе ја предводи вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојан Маричиќ, кој е и главен преговарач со ЕУ.
„Скрининг-процесот се одвива непречено. Скоро сме на половина од неговата реализација, а според утврдениот календар, треба да заврши до крајот на ноември. Објаснувачкиот и билатералниот скрининг се комплетно завршени за два клучни кластера: кластерот 1 ’Темелни вредности‘ и кластер 2 ’Внатрешен пазар‘. Во тек е билатералниот скрининг за третиот кластер, ’Конкурентност и инклузивен раст‘, за кој веќе е завршен објаснувачкиот скрининг“,
велат од Секретаријатот за европски прашања (СЕП).
Паралелно, додаваат оттаму, го затворивме и објаснувачкиот скрининг за четвртиот кластер, „Зелена агенда и транспортна политика“.
Како што соопшти СЕП, вицепремиерот ќе ја искористи еднодневната работна посета на Брисел за да одржи координативен состанок со директорката за Западен Балкан во Генералниот директорат за соседска политика и преговори за проширување на Европската Унија, Микела Матуела, а ќе се сретне и со Сајмон Мордју, советник за надворешна политика на претседателот на Европскиот совет Шарл Мишел.