Според неа, Договорот вели пет милијарди фунти што ќе можеме да ги користиме во рок од десет години или кога би одело годишно или би имале зрели проекти, по 500 милиони евра, тоа е повлекувањето
Граѓаните можат да бидат спокојни и сигурни дека постапката ќе биде транспаретна и дека се што нема да биде во рамки на закон, нема да биде прифатено, ниту ќе биде дел од постапката. Ова денеска го кажа министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска во Собранието, одговарајќи на пратечки прашања за Договорот со Обединетото Кралство, истовремено посочувајќи дека задолжувањето и проектите што ќе се реализираат ќе бидат согласно нашите закони.

„Имаме закони, никој не кажал дека ќе биде нешто надвор од законот“,
рече таа.
Посочи и дека Договорот вели пет милијарди фунти што ќе можеме да ги користиме во рок од десет години или кога би одело годишно или би имале зрели проекти, по 500 милиони евра, тоа е повлекувањето.
„Рокот на отплата зависи од самите проекти. Физибилити студијата ќе покаже дека можеби некои проекти ќе се враќаат на 12, на 15 години“,
кажа министерката во Собранието.
Пратеничката Сања Лукаревска од СДСМ ја праша министерката за финансии дали со Договорот со Велика Британија целосно ќе го суспендира Законот за јавни набавки и дали веќе се познати фирмите коишто ќе бидат ангажирани за реализација на проектите.
Дополнително бараше и одговор за тоа дали финансирањето ќе се одвива преку ОК Експорт фајнајс (UKEF), чии услови подразбираат дека минимум 30 проценти од вредноста на финансираните проекти ќе оди кај британски компании или како плаќања во Велика Британија.
„Јас не знам како работи UKEF, ја знам како функционира Законот за јавен долг и член 16 којшто вели дека ќе побараме понуди за финансирање без условување. Тоа значи ќе ни дадат понуда за каматна стапка за долг на отплата за грејс период коишто се поврзани со проектот. Законот за јавен долг не препознава условувања и тука треба да ни биде јасна работата“,
рече Димитриеска Кочоска.
Секое условување, како што кажа таа, ќе значи дека таа понуда е ништовна согласно Законот за јавен долг.
Зборувајќи за јавниот долг кажа дека во 2017 година јавниот долг беше четири милијарди 787 милиони евра, а во 2023 година бил осум милијарди и 477 милиони евра.
„Во 2021 имаме фрапантно зголемување бидејќи под тие антикризни мерки, имаше злоупотреби, имаме зголемување од фрапантни 690 милиони евра. Во 2025 година за првпат имаме намалување од 36 милиони евра. Мислам дека тоа повеќе од јасно покажува како работи Владата и Министерството за финансии“,
кажа министерката.