Холандскиот премиер во заминување Марк Руте, коментирајќи ја целта за проширување на Европската Унија до 2030 година, која беше поставена како рок од претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, вели дека тој не се согласува со давање датуми и рокови, туку прашањето треба да биде дали земјите кандидатки ќе бидат подготвени за влез во Унијата
Руте вели дека проширувањето на ЕУ е тежок процес, во кој сите оние земји кои имаат кандидатски статус за влез во европското семејство треба да се усогласат со законодавството на Унијата за да можат да пристапат. Додаде и дека не треба да има апсолутно никакви исклучоци кога станува збор за исполнувањето на сите услови на ЕУ за зачленување.
Дополнително, тој вели дека за проширувањето е многу важно да се утврди дали Европската Унија е целосно подготвена да прифати нови членки.
„ЕУ веќе има 27 земји членки и ако се приклучат уште земји тогаш донесувањето одлуки и секакви други работи ќе стане уште покомплицирано“,
кажа Руте.
Прашањето за реформи на ЕУ пред следното проширување веќе извесен период е меѓу главните теми во Унијата, особено во врска со процедурите за носење одлуки, буџетот на блокот, санкционирањето за прекршувањата на принципите на владеење на правото, како и идејата за „постепена интеграција“ на кандидатите за членство уште пред нивниот прием.
Вчера и францускиот претседател Емануел Макрон рече дека тој сака побрзо проширување на Европската Унија (ЕУ), но засега земјите членки немаат донесено одлука за тоа.
Кандидати за членство во Европската Унија се и пет земји од регионот на Западен Балкан, меѓу кои и Северна Македонија.
„Постои се поголем консензус дека се соочуваме со вистинска трансформација на нашата геополитичка визија за Европа. Неколку од нас во ЕУ предложија метод и нова амбиција за проширување“,
рече францускиот претседател, пренесува регионалниот сервис на Радио Слободна Европа.
Кон крајот на август годинава претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, во своето обраќање на Стратешкиот форум во Блед, Словенија, порача дека и ЕУ и земјите кандидати мора да бидат подготвени за проширување на Унијата до 2030 година. Истиот ден (28 август) претседателот на Франција од годишниот состанок со француските амбасадори, пак, порача дека Европската Унија треба да размисли за „Европа со повеќе брзини“ за да се справи со проширувањето. Ставот што тој тогаш го изнесе е дека ЕУ треба да се реформира ако сака да интегрира нови земји и да изгради консензус со повеќе од 30 земји членки.
Двете изјави наидоа на различни толкувања во јавноста и политичкиот спектар во земјава во врска со консензусот внатре во ЕУ околу прашањето за проширување со нови членки.
Инаку, денеска по неформалниот Самит на ЕУ во Гранада, Шпанија, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, информира дека лидерите на ЕУ ја реафирмирале посветеноста на проширувањето, но исто така го потврдиле и ставот дека процесот мора да се заснова на принципот на заслуги.
Таа порача дека и земјите кандидати и Европската Унија (ЕУ) мора да работат напорно за да го задржат моментумот на процесот на проширување кон поголема Унија.
„Нема да има ‘скратени патеки’, нема автоматизам за членство во ЕУ. Тоа мора да е базирано на заслуги. Кога велиме базирано на заслуги, тоа не значи дека само земјите кандидати мора да ги исполнат своите обврски, туку и ние мора да ја завршиме својата домашна задача за да бидеме подготвени, доколку земјите кандидат бидат подготвени за членство, да можеме да ги примиме“,
рече претседателката на ЕК.
Ова е нотирано и во завршната Декларација која беше усвоена на Самитот во Гранада.
Во Декларацијата не се споменува 2030 година како датум за прием на нови членки во Унијата, но, според претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, овој датум останува како цел за проширувањето, истовремено посочувајќи дека и земјите кандидатки мора да покажат јасен напредок во спроведувањето на реформите.