Шефицата на обивнителството за гонење на организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во вечерашното инетрвју за „360 степени“ го коментираше и изборот на јавни обвинители во обвинителството што таа го води и во Вишото обвинителство – Скопје.
Русковска вели дека верува на изборот што го направија нејзините колеги од Советот на јавни обвинители, но и дека резултатите во работата ќе покажат дали изборот бил добар.
Во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција се води предистрага за висината на надоместоците што ги добивале и обвинителите кои беа дел од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО). Интересен аспект е што на последниот конкурс за избор на обвинители во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, влегоа токму тројца поранешни обвинители од СЈО – Лиле Стефанова, Трајче Пеливанов и Артан Ајро. За Русковска тоа нема да преставува пречка за предистрагата да продолжи и, евентуално, да премине во истрага.
На прашањето зошто повеќе обвинители аплицираа на конкурсот за Вишото обвинителство, а помалку за ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, Русковска вели дека веројатно причина е што обвинителството што таа го води постапува во прв степен и работи комплицирани предмети.
„Затоа што Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција постапува во прв степен и, како што е и целата јавност свесна, се работи за комплицирани предмети кои бараат многу труд и многу време. Ги застапуваат предметите пред Основниот кривичен суд и имавме иста плата како вишите обивнителите. Па, многу е едноставна логиката за некој што доаѓа на работа за плата. Повеќе би сакал да работи во Вишото обвинителство отколку да работи во Обвинителствоот за гонење на организиран криминал и корупција“,
вели Русковска.