Ние вложивме жалби, не одбија, така што си има институции што треба да стравуваат од тоа, рече шефицата на ОЈОГОКК во интервју за „360 степени“
Русковска, во интервјуто, рече дека за околу еден месец треба да се очекуваат обвиненија за случаите „Империја“ и „Пациент“
Си има институции што треба да стравуваат од евентуално бегство на Јордан Камчев и Сашо Мијалков, иако мислам дека нема да избегаат, вели шефицата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, во интервју за „360 степени“ на ТВ Алсат.
Прашана дали стравува од можно бегство на Камчев и Мијалков, Русковска одговори:
„Нема зошто јас да стравувам. Си има институции што треба да размислуваат за тоа. Ние вложивме жалби, не одбија, така што си има институции што треба да стравуваат од тоа.“
Мијалков пред Нова година, а Камчев неколку дена по Нова година излегоа од притвор со одлуки на скопскиот Апелациски суд, на што јавното обвинителство се жалеше, но жалбите не беа прифатени.
Русковска, во интервјуто, рече дека за околу еден месец треба да се очекуваат обвиненија за случаите „Империја“ и „Пациент“.
Исто така, рече дека го следи предметот со купопродажбата на земјиште за потребите на „ЕВН Електрани“, дека тој е се уште во фаза на предистрага и дека е рано да се каже каде ќе ги однесе таа.