Серијата претреси за случајот „Рекет“ на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција во соработка со полицијата траела до раните утрински часови и прибран е обемен доказен материјал, соопштуваат од Обвинителството.
Оттаму потврдуваат дека извршени се претреси во домот на родителите на првоосомничениот, во станот каде што престојувал, како и во просторијата во телевизијата која тој ја користел. Претрес е извршен и во домот на второосомничениот, како и во возилата кои што ги управувале.
„При претресите прибран е броен доказен материјал што допрва треба да биде предаден на вештачење. Меѓу одземените предмети покрај два персонални компјутери и еден лап топ што ги користеле првоосомничениот и неговата асистентка, одземено е поголемо количество на брендирана гардероба, накит, часовници и уметнички дела. Од второосомничениот се одземени повеќе лап топ компјутери, документација, мобилни телефони, УСБ стикови и мемориски картички , како и поголемо количество на оружје и муниција за кое дополнително ќе се утврдува дали второосомничениот го поседувал со дозвола.“
се вели во соопштението на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Со оглед на обемноста на материјалот, записниците за одземени предмети се уште се подготвуваат и во моментов Обвинителството тврди дека не може да соопшти детали.
Оттаму известуваат дека до овој момент надлежниот обвинител нема извршено разговори со други лица.
Во денешното соопштение Обвинителството не ја споменува обвинителката од СЈО Катица Јанева, на која и беше одземен мобилниот телефон, иако таа информација доцна синоќа ја потврдија оттаму.
Обвинителството вчера отвори истрага за противзаконско тргување во влијание и перење пари, а од сношти во притвор се Бојан Јовановски и Зоран Милевски. Тие се товарат дека барале рекет од 8 милиони евра ветувајќи прекин на истражна постапка или олеснителни околности повикувајќи се на блиски релации со јавен обвинител. Како што објави „360 Степени“, според неофицијални но добро упатени извори, за рекетот користено е СЈО, а осомничените „тргувале со влијание“ за случајот „Империја“.
За денеска во 14:30 закажана е прес-конференција на обвинителката Ленче Ристоска во просториите на Специјалното јавно обвинителство.