Обвинителката Вилма Русковска во изјава за медиумите најави дека ќе поднесе жалби до Апелацискиот суд во Скопје за пресудата за „Рекет“ со која Бојан Јовановски-Боки 13 доби 9, а Катица Јанева 7 години затвор.
За Јанева, рече обвинителката, очекувала од 7 до 8 години затвор, но за Јовановски не очекувала дека ќе добие под 10 години.
Русковска не кажа дали смета дека ги задоволила очекувањата на јавноста од овој предмет, со оглед на тоа што не се докажа каде завршиле сите 1,5 милион евра.
„Дали ги задоволив очекувањата, треба да каже јавноста. Сметам дека најголемиот дел завршиле кај Бојан Јовановски и Катица Јанева. Тоа е мое лично убедување”,
рече Русковска.
Во текот судскиот процес таа презентираше фискални сметки во вредност од 148 000 евра од шопинг во Милано, како и фотографија од домот на Јанева, каде што се гледа поранешната обвинителка како седи, а на масата пред неа има 50 000 евра во банкноти од по 50 евра. Во завршните зборови, пак, покажа фотографија од домот на родителите на Боки на која се гледаат рачки од торба, а за која тврдеше дека е „луј витонот“ на Орце Камчев со еден милион евра. Боки, пак, негираше и покажа фотографија од неговата чанта за која тврдеше дека рачките кои се гледаат се од неа, а не од таа на Камчев.
И во текот на судењето, а и денеска пред медиумите, Русковска потенцираше дека Јовановски перел пари со купување скапи брендирани парчиња гардероба, ги користел парите за телевизијата итн.
За предметот „Империја“, пак, кој се однесува на голем финансиски криминал каде е осомничен Орце Камчев, Русковска не кажа нови детали. Рече дека по преземањето на случајот од СЈО двете обвинителки интензивно работеле на истрагата, но потоа се појавила состојбата со коронавирусот, а тие како обвинителството се’ уште не работат со странки.
Токму поради статусот на осомничен во „Империја“, според обвинението, а сега и пресудата за „Рекет“, од Камчев биле барани пари за Јовановски преку своето влијание врз Јанева да обезбеди повластен третман.