Адвокатот Дељо Кадиев, пак, посочува дека пресметките според кажувањата на Орце Камчев, покажуваат дека чантата со еден милион евра и списанија би тежела 25 килограми, а на снимката од „Ла Верита“, Зоран Милески – Кичеец не изгледа дека носи толкава тежина
Обвинителката Вилма Русковска, која го води предметот „Рекет“, убедена е дека поранешната специјална јавна обвинителка Катица Јанева, земала пари.
„Факт е дека поранешната колешка примила пари, 50 000 евра од Бојан Јовановски, што апсолутно е недозволиво за секој обвинител. Не смее да прими податок, мислам дека повеќе од 50 евра според закон. И воопшто не е битно дали тие потекнуваат од брачната двојка Камчеви или од друго лице, главно примила пари што е недозволиво по закон“,
изјави Русковска за медиумите.
На прашање како е факт дека примила пари, дали има точна сума односно дека тоа од фотографиите и кратките видео снимки се 50 000 евра, Русковска, пак, одговори: „Вие седевте подалеку, но убаво се гледа онаа пацката од банката и износот“.
Адвокатите на Катица Јанева, пак, тврдат дека апсолутно не се знае дали тоа на фотографиите се пари и како е избројана точната сума.
„Прво, не видовме пари, второ чувме разни ветувања дека некакви вештачења ќе бидат направени, но не видовме ништо. Јавната обвинителка ги повлече сите вештачења, зошто? Затоа што утврди дека нема ништо инкриминирачко. По однос на фотографијата, апсолутно не постои никаков доказ како е направена, дали е валидна, дали не е монтирана, апсолутно не знаеме што има на масата, дали се тоа пари. Се знае како се оценува тоа, по пат на вештачење. Искрено да ви кажам па и не знам како јавната обвинителка ги преброи парите. На слика вие не можете да преброите пари“,
рече адвокатот Дељо Кадиев.
Тој зборуваше и за чантата „Луј витон“, за која обвинителството тврди дека Камчев ја наполнил со еден милион евра и ја земале Зоран Милески – Кичеец и Бојан Јовановски. Адвокатот вели дека пресметките според кажувањата на Камчев, покажуваат дека чантата со еден милион евра и списанија би тежела 25 килограми, што не може да се заклучи од снимката на „Ла Верита“.
„Постои снимка дека Камчев става пари во некој куфер, тој треба да знае каде се, ние не видовме никакви пари. Знаете ли колку тежи еден милион евра за кој Камчев кажа дека од него 80 проценти односно 800 000 евра се во банкноти од по 50 евра. Јас отворив на Интернет и проверив, повелете направете го и вие тоа да видите која е тежината. 18 килограми тежат само 800 000 евра, а погледнете, Камчев вели дека таму ставал и други банкноти за до милион евра, па ставал весници, списанија … Значи тој куфер би тежел 25 килограми. Погледнете на снимката како Кичеец го носи тој куфер и заклучете сами“,
рече Кадиев.
Ваквите изјави следуваа откако денеска околу 4 часа поранешната специјалната јавна обвинителка Катица Јанева сведочеше во случајот „Рекет“ каде е обвинета за злоупотреба на службената положба и овластувања. Таа тврдеше дека постапувала според законот, не му давала привилегиран статус на Орце Камчев во случајот „Империја“, ниту, пак, земала пари или била под влијание на Бојан Јовановски – Боки 13. Вчера, пак, своја одбрана како првообвинет даваше Боки.
Со ова случајот „Рекет“ влезе во завршница. На 19 мај е закажано рочиште за завшни зборови на странките, по што ќе остане да се одреди и датум за изрекување пресуда.
Детали од исказот на Јанева, прочитајте во нашите денешни извештаи од судницата:
Јанева: СЈО не пишуваше паушални обвиненија, работеше по словото на законот
Јанева: „Империја“ беше пред обвинение, каде се сега и тој и другите предмети?
Јанева: Боки не ми влијаел за предметите, разговаравме за мода и килажа
Боки за политичкиот ангажман: Ќе го надминам Јосип Броз Тито