Обвинителката Русковска своето барање го образложи со тековна предистрага што се води против Јанева за злоупотреба на службената положба и овластување
Откако беше соопштена пресудата за случајот „Рекет“ со која Бојан Јовановски-Боки 13 доби 9, а Катица Јанева 7 години казна затвор, обвинителката Вилма Русковска побара мерката куќен притвор за поранешната специјална обвинителка да се укине и да се одреди мерка притвор.
Причините, рече Русковска, е опасноста од бегство поради висината на казната, но и поради тоа што во Обвинителството се води предистрага, исто така, за злоупотреба на службената положба и овластување.
Сепак, судечкиот совет не го прифати барањето на Русковска.
Во однос на тоа дека има предистрага, обвинителката не сакаше да даде детали во изјавата за медиумите. Рече дека е во многу рана фаза и во иднина ќе се утврдува дали има кривично дело и кој го сторил.
Адвокатите на Јанева, пак, побараа таа да ја дочека правосилноста на пресудата од слобода и наведоа дека нема конкретни дејствија кои укажуваат дека таа би можела да избега.
Јанева беше уапсена на 21 август лани и заврши во притвор, но на 19 ноември тој ѝ беше заменет со куќен притвор.