Откако од почетокот на февруари на пет обвинители им истече мандатот, обвинителката вели дека тешко функционираат бидејќи во моментов на располагање има само осум обвинители. Меѓу оние на кои им истече мандатот е и обвинителката Ивана Трајчева која ја водеше истрагата во случајот „Софтвери“ против ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Русковска вели дека како обвинителка не верува дека поради тоа што го водеше случајот против Рашковски, поради притисоци, Трајчева не би била реизбрана за нов мандат
Шефицата на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција Вилма Русковска се надева дека во четврток, за кога е закажана седница на Советот на јавни обвинители, конечно ќе бидат пополнети местата што се испразнија на почетокот на февруари со истекот на мандатите на пет обвинители во обвинителството со кое раководи.
Сепак, Русковска вели дека во иднина треба да се размислува за законски измени со кои барем би се зело предвид и мислењето на шефовите на обвинителствата во кои се избираат обвинители.
„Законот е таков што воопшто јас како шеф на ова обвинителството, веројатно и другите шефови, немаме никаква ингеренција во изборот на јавните обвинители, а сепак и граѓаните и меѓународната јавноста бараат резултати од нас. Мислам дека во тој правец сепак би требало да се направат некои измени во закон затоа што ако некој ти бара резултати би било добро да можеш самиот да го избираш тимот. Јас точно не знам дали е тоа регулирано во Законот за Совет на јавни обвинители, не велам шефовите на обвинителствата да имаат клучна улога, но сепак да имаат можност да го дадат своето мислење. Мислам на тоа дека кога ќе има огласи од пријавените кандидати, да се земе предвид и мислењето на раководителот, на шефот на обвинителството. Не зборувам само за ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, туку и за другите обвинителства“,
рече Русковска.
Откако од почетокот на февруари на пет обвинители им истече мандатот, обвинителката вели дека тешко функционираат бидејќи во моментов на располагање има само осум обвинители.
Меѓу оние на кои им истече мандатот е и обвинителката Ивана Трајчева, која ја водеше истрагата во случајот „Софтвери“ против ексгенералниот секретар на Владата, Драги Рашковски. Трајчева конкурираше за нов мандат, меѓутоа изборот на обвинители сè уште не се случи.
Од тие причини, денеска воведни зборови во овој предмет даваше Русковска.
„Јас влегов во овој предмет затоа што ја работев предистрагата и доста ми е познат предметот и од тие причини дојдов на судењето. Ако се случи колешката да не биде реизбрана, јас ќе продолжам да го застапувам предметот“,
рече Русковска.
Шефицата на ОЈО за гонење организиран криминал и корупција вели дека како обвинителка не верува дека поради тоа што го водеше случајот против Рашковски, поради притисоци, Трајчева не би била реизбрана за нов мандат.
„Искрено, се надевам дека нема да биде така“,
прокоментира Русковска по денешното рочиште за случајот „Софтвери“.
Покрај Трајчева, за реизбор аплицираа и останатите четворица обвинители на кои им истече мандатот: Марија Ѓоргева, Валентина Беслимовска, Сузана Мирческа-Кузмановска и Енѓулуше Кадриу-Леши.
Русковска вели дека Трајчева не е единствената на која ѝ дала високи оцени во оценувањето кое е дел од процесот на избор. Уште две други обвинителки, според неа, добиле безмалку максимален број на бодови.
Доколку бидат реизбрани истите обвинители, Русковска вели дека не би имала ништо против.
Но, на петтемина со истечен мандат кои конкурираа за реизбор конкуренција им се уште пет други обвинители кои се пријавија на огласот: Златко Биковски, Елизабета Јосифовска, Наташа Сарамандова, Имран Османи и Арсим Адеми.
Одлука да се распише конкурс Советот на јавни обвинители донесе уште на седница одржана на 15 ноември 2021 година. Меѓутоа, изборот досега не се случи со оглед дека се чекаше оценувањето за кое дел од обвинителите кои конкурираа поднесуваа приговори, кои Советот ги прифати, па имаше ново оценување. И за второто оценување имаше приговори чиј рок истече пред две недели.
Седница за избор се одржа минатиот четврток, но немаше услови да се изберат обвинители бидејќи немаше кворум за гласање.