Во соопштението од ФСБ се вели дека за време на сослушувањето тој објаснил дека бил регрутиран од украинските специјални служби

Руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) соопшти дека 29-годишен маж од Узбекистан е приведен поради сомневање за вмешаност во поставувањето на експлозивната направа од која загинаа високиот генерал Игор Кирилов и неговиот помошник во Москва, пренесува „Гардијан“.
Според руската безбедносна служба, како што пренесуваат државните медиумски агенции, осомничениот бил регрутиран од украинското разузнавање.
Би-би-си вчера, повикувајќи се на украински извор, пренесе оти убиството било организирано од Безбедносната служба на Украина.
Како што пренесоа утрово светските медиуми, цитирајќи го соопштението од Центарот за односи со јавноста на руската Федерална служба за безбедност (ФСБ), приведениот 29-годишник е осомничен дека извршил терористички напад.
Во соопштението од ФСБ се вели дека за време на сослушувањето тој објаснил дека бил регрутиран од украинските специјални служби.
ФСБ соопшти дека на осомничениот му била „гарантирана“ награда од 100 илјади долари и дозвола да се пресели во ЕУ во замена за убиството на Кирилов.
Оттаму додаваат дека по инструкции на Украина, тој пристигнал во Москва и изнајмил автомобил за да ја надгледува резиденцијата на Кирилов.
Тој ја поставил експлозивната направа на електричен скутер, кој го паркирал на влезот од станбената зграда во која живеел Кирилов, соопшти ФСБ.
Исто така, тој инсталирал камера што ја користеле заговорниците на атентатот од украинскиот град Днипро за да го следат Кирилов и далечински да го активираат уредот кога тој ја напуштил зградата.
„Кога го виделе Кирилов како излегува од куќата, осомничениот ја активирал бомбата“,
се вели во соопштението.
Рускиот истражен комитет соопшти дека во тек е идентификација на други лица вклучени во организацијата на атентатот.
Еден ден пред убиството, украинските обвинители го обвинија генералот за употреба на забрането хемиско оружје во Украина.
Украински „Киев пост“ на Икс објави видео, а во описот наведува дека тоа е од моментот на експлозијата во која загинаа Кирилов и неговиот помошник. На видеото се гледа како две лица излегуваат од станбена зграда и кога се приближуваат до скутер тој експлодира.
A video of Ukraine’s special operation to eliminate high-ranking Russian General Kirilov in Moscow has surfaced online.
— KyivPost (@KyivPost) December 17, 2024
The footage shows he and his assistant exiting a building, with the infamous scooter nearby. As they enter the blast zone, the scooter explodes. pic.twitter.com/R9CtkP72fA
Вчера извори во Киев потврдија дека украинската СБУ ги извршила убиствата во Москва.
По ова, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, изјави дека украинското раководство ќе се соочи со непосредна одмазда за убиството на највисокиот руски генерал, пренесе руската новинска агенција РИА.
