Украина ги обвини руските сили дека ја напаѓаат цивилната инфраструктура како одговор на брзата офанзива што во викендот ја имаа украинските трупи и што ја принудија Русија да го напушти главниот бастион во регионот Харков
Во повеќе места во источниот дел на Украина синоќа имаше прекин во снабдувањето со електрична енергија, соопштија украински претставници.
Струја немаше и во вториот град по големина, Харков, но и во регионите Донецк и Суми во источна Украина.
Електрична енергија исто така немаше и во Краматорск, град лоциран во источниот дел на земјата.

Украина ги обвини руските сили дека ја напаѓаат цивилната инфраструктура како одговор на брзата офанзива што во викендот ја имаа украинските трупи и што ја принудија Русија да го напушти главниот бастион во регионот Харков.
Украинските власти соопштија дека целите на одмаздничките напади биле објекти за вода и термоцентрала во Харков и предизвикале прекини на електричната енергија.
„Терористите од РФ остануваат терористи и ја напаѓаат критичната инфраструктура. Нема воени објекти, целта е да се лишат луѓето од светлина и топлина“,
напиша украинскиот претседател Володимир Зеленски на Твитер.

Амбасадорката на САД во Украина, Бриџит Бринк, исто така ги осуди нападите.
„Очигледниот одговор на Русија на ослободувањето на градовите и селата на истокот од Украина: испраќање проектили во обид да се уништи критичната цивилна инфраструктура“,
напиша Бринк на Твитер.
Москва, пак, негира дека нејзините сили намерно гаѓаат цивили.