Весникот на својата веб-страница објави дека добил уште едно, второ по ред, предупредување од државниот регулатор за комуникации „Роскомнадзор“ за известувањето, што го натерало да го паузира објавувањето. Трето такво предупредување би значело одземање на лиценцата на весникот
Рускиот независен истражувачки весник „Новаја газета“, чиј главен уредник Дмитри Муратов беше добитник на минатогодишната Нобелова награда за мир, денеска објави оти ги суспендира своите активности до крајот на „специјалната операција“ на Москва во Украина, пренесе Ројтерс.
Весникот, кој веќе ја отстрани содржината од својата веб-страница за воената акција на Русија во Украина со цел да се усогласи со новиот закон за медиуми, вели дека добил уште едно, второ по ред, предупредување од државниот регулатор за комуникации „Роскомнадзор“ за неговото известување, што го натерало да го паузира објавувањето.
„Го суспендираме објавувањето на весникот на нашата веб-страница, социјалните мрежи и печатената форма до крајот на ‘специјалната операција’ на територијата на Украина“,
напиша весникот на својата веб-страница.
Трето предупредување од државниот регулатор за комуникации би значело одземање на лиценцата на весникот.
Во посебна порака до читателите, Муратов и новинарите рекоа дека одлуката за запирање на нивните активности била тешка, но неопходна.
Во коментарите објавени од руските новински агенции, државниот регулатор за комуникации „Роскомнадзор“ рече дека издал второ предупредување за весникот „Новаја газета“ за неправилно идентификување на организација која властите ја сметаат за „странски агент“ во своите публикации.
Денеска руското Министерство за правда го додаде германскиот сервис Дојче веле на списокот на медиумски организации што ги означи како странски агенти.
Притисокот против либералните руски медиуми се зголеми откако Москва ја започна инвазијата во Украина минатиот месец, при што повеќето мејнстрим медиуми и организациите под контрола на власта тесно се држат до јазикот што го користи Кремљ за опишување на конфликтот.
Објавата на „Новаја газета“ следува по затворањето на радио станицата „Ехо Москва“, која беше еден од ретките преостанати либерални гласови во руските медиуми. Властите, исто така, ги блокираа веб-страниците на неколку медиуми, вклучувајќи ги Би-би-си, Гласот на Америка и Радио слободна Европа/Радио слобода.
Основан по распадот на Советскиот Сојуз, весникот „Новаја газета“ и неговите известувачи со години беа подложни на заплашување и напади поради истраги за кршење на правата и корупција.