Во меѓувреме, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев, изјави дека украинското раководство ќе се соочи со непосредна одмазда за убиството на највисокиот руски генерал, пренесе руската новинска агенција РИА
Службата за безбедност на Украина (СБУ) е одговорна за убиството на генералот во руската армија Игор Кирилов, извршено утрово со експлозивна направа во Москва, изјавиле извори од службата за неколку светски новински агенции и медиуми.

Неименувани извори од СБУ за агенциите Ројтерс и АФП рекле дека убиството на високиот руски воен функционер било специјална операција на безбедносната служба на земјата.
„Ликвидацијата на генерал-полковник Игор Кирилов, началник на нуклеарните, хемиските и биолошките одбранбени трупи на руските вооружени сили е специјална операција на СБУ“,
изјавил изворот за АФП.
Британски „Гардијан“, пренесувајќи ги извештаите на новинските агенции, посочи дека не може независно да ги потврди ваквите тврдења, но по кратко време весникот објави идентична информација, исто така повикувајќи се на извор од украинската служба за безбедност.
Извори во Киев потврдија дека украинската СБУ ги извршила убиствата во Москва, напиша весникот.
„Бевме вклучени во операцијата“,
изјавил изворот за „Гардијан“.
Во меѓувреме, заменик-претседателот на Советот за безбедност на Русија, Дмитриј Медведев изјави дека украинското раководство ќе се соочи со непосредна одмазда за убиството на највисокиот руски генерал, пренесе руската новинска агенција РИА.
„Сфаќајќи ја неизбежноста на својот воен пораз, таа (Украина) започнува кукавички и одвратни напади во мирните градови“,
вели Медведев.
Како што пренесоа утрово светските медиуми, експлозијата во која е убиен високиот генерал на руската армија и шеф на силите за нуклеарна, биолошка и хемиска одбрана Игор Кирилов, била предизвикана од направа скриена во електричен скутер во моментот кога генералот ја напуштал станбената зграда каде што живеел.
„Според истрагата, утринава на Рјазански Проспект во Москва, активирана е експлозивна направа поставена во електричен скутер оставен на влезот во станбена зграда. Во експлозијата загина началникот на трупите за радијација, хемиска и биолошка заштита на руските оружени сили Игор Кирилов и негов помошник“,
изјави портпаролот на Истражниот комитет.
Кирилов, како што се наведува бил придружуван од неговиот помошник, кој исто така починал на местото.

Генералот бил одговорен за руските сили за нуклеарна одбрана, а за нивни шеф е назначен во април 2017 година.
Руските медиуми пренесуваат дека инспектори и форензички експерти работеле на местото на настанот заедно со вработени во други служби за итни случаи и оти во во врска со смртта е отворена кривична истрага.
„Гардијан“, повикувајќи се на украинскиот медиум „Киев пост“, пренесе оти експлозијата доаѓа еден ден откако украинските обвинители го обвинија генералот за употреба на забрането хемиско оружје во Украина.
Инаку, Кирилов е санкциониран од Британија за неговата улога во војната во Украина.
