На 9 август во руската воена база во Новофедоривка, лоцирана во западниот дел од анектираниот украински полуостров Крим, се случија неколку експлозии, при што, според новообјавените сателитски снимки на американската „Планет лабс“, најмалку седум руски воени авиони се оштетени или уништени наспроти руските тврдења дека ниту еден не е оштетен
Украинското Министерство за одбрана соопшти дека не може да ја утврди причината и не ја презеде одговорноста за експлозиите во воздухопловната база, додека, пак, Русија соопшти дека експлозиите биле предизвикани од муниција што експлодирала во магацините
Најмалку седум руски воени авиони се оштетени или уништени во неодамнешните експлозии на воздухопловната база Саки на Крим, според новообјавените сателитски снимки на американската „Планет лабс“, што е во спротивност со руските тврдења дека ниту еден не е оштетен. Според истражувањето на Си-ен-ен, ова може да биде најголемата загуба на воени авиони на Москва во еден ден по Втората светска војна.
Воздухопловната база Саки на руската морнарица во близина на селото Новофедоривка загубила најмалку седум воени авиони, повеќенаменски борбени авиони СУ-30 и бомбардери СУ-24, објави Си-ен-ен по анализата на фотографиите објавени од „Планет Лабс“.
Сателитските фотографии од 10 август покажуваат неколку големи кратери со слична големина што укажува дека базата била погодена од повеќекратни удари. На фотографиите се гледа дека поради експлозиите изгорела и вегетацијата околу дел од воздухопловната база.
Украинското Министерство за одбрана соопшти дека не може да ја утврди причината и не ја презеде одговорноста за експлозиите во воздухопловната база, која се наоѓа на 225 километри зад линијата на рускиот фронт.
Руското Министерство за одбрана соопшти дека експлозиите биле предизвикани од муниција што експлодирала во магацините, но не кажа како била активирана, на што Украина сугерира дека невнимателните руски војници можеби ги предизвикале експлозиите.
Видеата што се појавија на социјалните мрежи покажуваат чад што се издига од базата пред да биде потресен од три големи, огнени експлозии проследени со облаци од густ, сив чад што се издигнува кон небото. Две од експлозиите се случуваат речиси истовремено, а третата се случува набргу потоа.
Русија ја користи воздухопловната база Саки, лоцирана на западната страна на Крим, за редовни напади на украинска територија откако ја започна својата инвазија на земјата на 24 февруари.
Доколку Украина е одговорна за експлозиите, тоа би бил првиот голем напад на Киев врз руските сили на Крим.
Во вторникот, украинскиот претседател Володимир Зеленски рече дека војната „започна со Крим и мора да заврши со Крим – ео негово ослободување“.