Во објава, пак, што е од утринава, се вели дека до 8 часот не се регистрирани ракетни напади или употреба на ударни беспилотни летала во украинскиот воздушен простор

Украинските власти објавија дека во текот на ноќта имало ново гранатирање и покрај едностраното примирје објавено од рускиот претседател Владимир Путин, кое стапи во сила на полноќ, пишува „Гардијан“.
Воздухопловните сили на Украина во објава на профил на социјалната мрежа Телеграм велат дека руски авиони лансирале наведувани бомби врз регионот Сум во северна Украина во раните утрински часови.
Во објавата се вели дека бомбите биле лансирани речиси три часа откако стапи во сила тридневниот прекин на огнот прогласен од Путин.
Во објава, пак, што е од утринава, се вели дека до 8 часот не се регистрирани ракетни напади или употреба на ударни беспилотни летала во украинскиот воздушен простор. Сепак, се додава и во оваа објава, во текот на ноќта, „непријателот ги интензивираше нападите со тактичка авијација користејќи водени бомби врз регионот Суми“.
Сепак, како што пренесуваат светските медиуми, освен објавата на украинските воздухопловни сили за лансирање на наведувани бомби од страна на Русија, нема други извештаи за денешни напади врз украински градови.
Путин го објави прекинот на огнот за време на прославата на Денот на победата во Русија на 9 мај, со што се означува крајот на Втората светска војна во Европа.
Украина го отфрли потегот како симболичен и, заедно со САД, продолжува да повикува на прекин на огнот во траење од најмалку 30 дена.
„Нашиот предлог за прекин на нападите, за прекин на огнот од најмалку 30 дена, сè уште важи. Но, светот гледа дека Русија не дава никаков одговор – никаков одговор освен нови напади“,
рече украинскиот претседател Володимир Зеленски во видеообраќање.