Овсијаникова во интервју за германски „Шпигел“, меѓу другото, рече дека нема да ја прифати понудата за азил од францускиот претседател Емануел Макрон и дека ќе остане во Русија
Уредничката на рускиот Канал 1, Марина Овсијаникова, соопшти дека дала отказ од работното место, но и дека одбила да ја прифати понудата на францускиот претседател Емануел Макрон за азил во Франција, откако на руската државна телевизија истакна транспарент со порака „Стоп за војната!“ и „Тука ве лажат“.
Овсијаникова набргу потоа беше уапсена и казнета со 30 000 рубљи (290 долари).
Во интервју за Франс 24, Овисијаникова соопшти дека ги предала документите за раскинување на работниот однос во Канал 1 додавајќи оти тоа е законска процедура.
Таа додаде дека и некои нејзини колеги дале отказ, но дека многумина не можеле да го сторат тоа од финансиски причини.
„Среќна сум што луѓето го кажаа своето мислење, но финансиската состојба е многу тешка и тешко е луѓето да престанат да работат“,
рече таа.
Во одвоено интервју за германски „Шпигел“, Овсијаникова рече дека нема да ја прифати понудата за азил од францускиот претседател Емануел Макрон и дека ќе остане во Русија.
„Не сакам да ја напуштам мојата земја. Јас и мојот син сме патриоти. Во никој случај не сакаме да ја напуштиме земјата, не сакаме да одиме на друго место“,
рече таа.
И покрај нејзиното ослободување, Овсијаникова би можела да се соочи со дополнително гонење и се соочува со повеќегодишна затворска казна, согласно законите донесени на 4 март со кои се ограничува слободата на говорот за војната во Украина.