Портпаролот на Путин призна и „грешки“ во мобилизацијата велејќи дека некои покани биле испратени по грешка, но оти тие се коригирани
Кремљ негира дека Русија би може да ги затвори државните граници за да го спречи егзодусот на военоспособните мажи откако претседателот Владимир Путин прогласи делумна мобилизација во обид да ја врати предноста во војната што самиот ја започна во Украина.
На прашање дали се планира такво нешто, портпаролот на Кремљ, Дмириј Песков, одговори:
„Не знам ништо за тоа. Во моментов не се донесени никакви одлуки за ова“.
Повици да се затворат границите, пак, веќе можеа да се слушнат од руски пратеници.
„Секој што е на возраст за воен рок треба да добие забрана за патување во странство во сегашната ситуација“,
изјави за агенцијата РИА, Сергеј Цеков, член на Горниот дом на рускиот парламент.
Тој призна и „грешка“ во мобилизацијата што ја нареди Путин велејќи дека некои повици за регрутирање на мажи биле издадени по грешка, како и оти грешките се коригирани до регионалните гувернери и од Министерството за одбрана.
Откако Путин објави мобилизација на 21 септември, се проценува дека илјадници Руси решија да ја напуштат државата за да одбегнат да бидат регрутирани. Имаше и масовни протести низ Русија, во кои беа приведени над 1 300 лица.
Само во текот на викендот речиси 17 000 граѓани на Русија ја преминале границата со соседна Финска, додека според податоците достапни за границата со Грузија говорат за километарски колони во кои се чекало и по 48 часа.
Photo: EPA-EFE/SHAMIL ZHUMATOV / POOL