Во најновиот извештај на британското Министерство за одбрана се вели дека руската блокада на клучни пристаништа на Црното Море значи дека и понатаму поголеми количини жито не можат да се извезат, што може да доведе до дополнително покачување на цената на храната

Висок руски дипломат денеска побара укинување на санкциите против Москва како предуслов да се избегне светска прехранбена криза поради блокадите на украинскиот извоз на жито.
„Решавањето на прехранбениот проблем оди преку колективен пристап, вклучувајќи ги пред сè укинувањето на санкциите воведени на рускиот извоз и финансиските трансакции“,
изјави помошник-министерот за надворешни работи Андреј Руденко.
Тој нагласи дека е ова предуслов за Русија да овозможи хуманитарен коридор за бродови со храна кои би тргнале од Украина, пишува Интерфакс.
Украина е еден од најголемите светски произведувачи и извозници на жито.
Киев и Западот тврдат дека Русија предизвикува прехранбена криза
Војната во Украина сепак го закочи процесот на производство, а Киев и Западот ја обвинуваат Русија дека го спречува извозот преку црноморските пристаништа и така предизвикува глобална криза за храна.
Украинските црноморски пристаништа се блокирани од почетокот на руската воена инвазија на 24 февруари, а повеќе од 20 милиони тони житарки се наоѓаат во силосите во земјата.
Фон дер Лајен: Русија го користи снабдувањето со храна како оружје за уцени
Русија и Украина меѓусебно се обвинуваат за поставување мини во Црното Море. Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајден, вчера изјави дека Русија го користи снабдувањето со храна како оружје со глобални реперкусии.
Во најновиот извештај на британското Министерство за одбрана се вели дека руската блокада на клучни пристаништа на Црното Море значи дека и понатаму поголеми количини на жито не можат да се извезуваат, што може да доведе до дополнително покачување на цената на храната.
Во Одеса, на пример, немаше значајни трговски морски активности од почетокот на руската инвазија во Украина. Украинските обиди за извоз по копнен пат не можат да го надоместат загубениот морски капацитет, се вели во извештајот на британското Министерство за одбрана.