Рускиот претседател Владимир Путин реагираше на постојаниот раст на бројот на заразени и смртни случаи, при што прогласи неработни денови од 30 октомври до 7 ноември
Русија пријави случаи на инфекција со новата варијанта на коронавирусот, за која се верува дека е позаразна од делта -сојот, откако во земјата се регестрирани рекорднен број на заразени и починати од ковид-19.

Тоа ги принуди московските власти повторно да воведат порестриктивни санитарни мерки, пренесува Радио Слободна Европа.
„Можно е варијантата AY.4.2 да се прошири многу побрзо“,
изјави денеска Камил Кафизов, истражувач во рускиот здравствен супервизор Роспотребнадзор.
Тој додаде дека новата варијанта може да предизвика пораст на стапката на нови случаи на ковид-19, а на крајот може дури и да го замени делта-сојот, иако, како што изјави, процесот најверојатно ќе биде бавен.
Русија има најголем број смртни случаи од ковид-19 во Европа, а во светот е четврта.
Во претходните 24 часа, починале 1 036 луѓе, што го зголеми официјалниот број на смртни случаи од последиците од инфекцијата на 227 389, што ја прави Русија убедливо прва во Европа.
Властите денеска објавија 36 339 нови инфекции, чиј број расте од ден на ден со недели.

Русија има ниска стапка на вакцинација, граѓаните слабо се придржуваат кон мерките на претпазливост, а Владата не е подготвена да ги заостри мерките.
Од 146 милиони жители на Русија, околу 45 милиони, односно околу една третина, се целосно вакцинирани.
Рускиот претседател Владимир Путин реагираше на постојаниот раст на бројот на заразени и смртни случаи, при што прогласи неработни денови од 30 октомври до 7 ноември.