Ердоган, како што јавува Ројтерс, во говор во турскиот парламент рекол дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го информирал својот турски колега дека договорот ќе продолжи. Во меѓувреме државната руска новинска агенција Тасс пренесе соопштение од руското Министерство за одбрана во кое се вели дека Москва добила писмени гаранции од Украина дека нема да ги користи хуманитарните коридори и пристаништа за воени операции против Русија
Русија од денеска ќе го врати своето учество во договорот, постигнат со посредство на Обединетите нации, за извоз на жито од Украина преку Црното море, изјавил турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган.

Ердоган, како што јавува Ројтерс, во говор во турскиот парламент рекол дека рускиот министер за одбрана Сергеј Шојгу го информирал својот турски колега дека договорот ќе продолжи.
Во меѓувреме државната руска новинска агенција Тасс пренесе соопштение од руското министерство за одбрана во кое се вели дека Москва добила писмени гаранции од Украина дека нема да ги користи хуманитарните коридори и пристаништа за воени операции против Русија.
„Беше можно да ги добиеме потребните писмени гаранции од Украина за некористење на хуманитарниот коридор и украинските пристаништа, утврдени во интерес на извоз на земјоделски производи, за воени операции против Руската Федерација. Руската Федерација смета дека добиените гаранции во моментот се чини дека се доволни и продолжува со спроведувањето на договорот“,
било наведено во соопштението на Министерството за одбрана на Русија.
Претходно Кремљ само потврди дека Русија сè уште е во контакт со Турција околу договорот.
Како што пренесува „Гардијан“, Русија го повикала британскиот амбасадор во Москва за да протестира за, како што тврди Москва, британска вмешаност во нападот на руската црноморска флота во Севастопол изминатиот викенд.
Руското Министерство за одбрана на 29 октомври објави дека земјата одлучила да го суспендира договорот со Украина за извоз на жито и други земјоделски производи од украинските пристаништа на Црното Море.
Русија соопшти дека таа одлука уследила откако украинските сили ги нападнале бродовите на Крим, кој е окупиран од Русија. Се вели дека некои од нападнатите бродови се цивилни бродови вклучени во обезбедувањето на „коридорот за жито“ за да се овозможи извоз од три украински пристаништа на Црното Море.
Претседателот на Русија, Владимир Путин вчера пак изјави дека Москва не го прекинала учеството во договорот со Украина за извоз на жито од Црното Море, туку го суспендирала.
Европската Унија и НАТО изразија длабока загриженост поради одлуката на Русија да го суспендира договорот, а украинскиот претседател Володимир Зеленски го нарече потегот на Русија „апсолутно транспарентна намера на Русија повторно да и се закани на Африка и Азија со глад“. На обновување на договорот повика и генералниот секретар на ОН, Антонио Гутереш, според кого благодарение на него се извезени над осум милиони тони жито и се намалија глобалните цени на храната.
Русија и Украина во јули годинава се согласија за деблокирање на украинските поморски пристаништа и извоз на житни култури од оваа земја. Договорот беше потпишан од министри од двете земји на 22 јули, а со посредство на Обединетите нации и Турција.
Украинскиот извоз на жито опадна откако Русија ја нападна земјата на 24 февруари и ги блокираше нејзините пристаништа на Црното Море, што ги зголеми светските цени на храната. Со потпишувањето на договорот меѓу Киев и Москва, три црноморски пристаништа беа деблокирани.