Министерството за одбрана на Русија соопшти дека како дел од маневрите, руската и кинеската морнарица во Јапонското Море ќе вежбаат заеднички акции за заштита на поморските комуникации, областите на поморска економска активност и поддршка на копнените трупи во крајбрежните области
И покрај зголемените тензии со САД, Русија и Кина денеска започна седумдневна воена вежба, со што сакаат да ја покажат зголемена соработка на полето на одбраната меѓу Москва и Пекинг.
Воените маневри, исто така, имаат за цел да покажат дека Москва има доволно воена моќ за масовни вежби, иако нејзините трупи се ангажирани во воена акција во Украина.
Руското Министерство за одбрана објави дека вежбата „Восток 2022“ (Исток 2022) ќе се одржува до 7 септември на седум полигони на рускиот Далечен Исток и во Јапонското Море, а ќе учествуваат повеќе од 50 000 војници и над 5 000 единици оружје, вклучувајќи 140 авиони и 60 воени бродови.
Началникот на рускиот Генералштаб, генерал Валериј Герасимов, лично ќе ги надгледува вежбите на кои ќе учествуваат војници од Кина, Индија, Лаос, Монголија, Никарагва и Сирија.
Министерството за одбрана на Русија соопшти дека како дел од маневрите, руската и кинеската морнарица во Јапонското Море ќе вежбаат заеднички акции за заштита на поморските комуникации, областите на поморска економска активност и поддршка на копнените трупи во крајбрежните области.
Кинеските медиуми објавија оти Пекинг испрати над 2 000 војници со повеќе од 300 воени возила, 21 борбен авион и три воени бродови да учествуваат во вежбите.
Вежбите покажуваат зголемени одбранбени врски меѓу Москва и Пекинг откако рускиот претседател Владимир Путин ја започна воената инвазија на Украина на 24 февруари.