„Европејците можат да сметаат на нашата целосна поддршка“, рече шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која додаде оти ќе продолжи да работи со европските и светските лидери за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија во Европа
Одлуката на Русија да престане да испорачува гас за европските клиенти е неоправдана и неприфатлива, смета шефицата на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, која додаде оти станува збор за инструмент за уцена, пренесува Би-би-си.
Таа посочи дека земјите членки на ЕУ имаат план за вонредни ситуации за вакво сценарио и оти Европската комисија е во близок контакт со нив за да обезбеди алтернативни испораки низ целиот блок.
„Ние, исто така, ќе продолжиме да работиме со меѓународните партнери за да обезбедиме алтернативни текови – и ќе продолжам да работам со европските и светските лидери за да се обезбеди сигурност во снабдувањето со енергија во Европа“,
вели таа.
Таа посочи дека е во тек состанок на координативната група за гас за да се утврди координирана реакција на ЕУ.
„Европејците можат да сметаат на нашата целосна поддршка“,
подвлече шефицата на Европската комисија.
Претходно, руската енергетска компанија „Газпром“ соопшти дека во целост ја прекинала испораката на гас за Бугарија и за Полска откако двете земји одбија да почнат да плаќаат во рубли, а и од двете држави соопштија дека добиле официјални известувања од рускиот снабдувач со гас дека испораките ќе прекинат.