Министерот за надворешни работи на Руската федерација, Сергеј Лавров, позитивно ја оценил одлуката на Архиерејскиот собор на Српската Православна Црква (СПЦ) и Патријархот Порфириј, за евхаристичко единство со Македонската Православна Црква – ОА, јави дописникот на МИА од Белград.
„Ова (обновување на евхаристиското единство меѓу СПЦ и МПЦ-ОА) го оценувам само позитивно. Мислам дека тоа е разумна одлука на СПЦ и патријархот Порфириј“,
изјави Лавров во интервју за руската онлајн ТВ „Наше кино“, го пренесува МИА белградски „Вечерни Новости“.
Според рускиот министер, „ова е достоен одговор на интригите што ги плете цариградскиот патријарх“.
„Тој се обиде засекогаш да го погреба секој однос меѓу другите православни цркви, пред се, српската и македонската. Овој провокативен план е спречен“,
посочи Лавров.
Шефот на руската дипломатија одлуката за обновување на евхаристичкото единство меѓу српската и македонската црква ја нарече мудра.
„Со тоа се овозможува повторно воспоставување на евхаристичко единство со Руската православна црква, за што ние сме заинтересирани. Сигурен сум дека тоа ќе послужи за доброто на православието“,
заклучи Лавров.
Делови од истото интервју пренесуваат и бугарските медиуми, каде Лавров говори за Северна Македонија и Црна Гора. Тој обвинува дека НАТО и ЕУ се обидуваат да направат од двете земји инструмент во антируската игра.
„Сега има вчечатлива промена помеѓу она што Црногорците и Македонците го чувствуаат за Русија и она што нивните политичари се принудени да го прават од Брисел, ЕУ и НАТО. Ова е истото што тие се обидоа да го направат со Украина и со голем број други источноевропски земји“,
изјавил Лавров.
На почетокот на јуни, Црна Гора, Северна Македонија и Бугарија одбија да го пропуштат авионот на Лавров кога министерот требаше да ја посети Србија. Тој го нарече одбивањето на овие земји „незамисливо“ и срамота. Според него, Србија, која е суверена држава, е лишена од правото да води надворешна политика кон Русија. Поради тоа, посетата на Лавров на Србија не се одржа според планираното.