Покрај Фокс њуз, Мардок ја лансираше телевизиската мрежа Фокс, првата која успешно им се спротивстави на големите три американски мрежи – Еј-би-си, Си-би-ес и Ен-би-си (ABC, CBS и NBC). Тој е сопственик и на „Волстрит журнал“ и „Њујорк пост“ (Wall Street Journal и New York Post)
Руперт Мардок (92) се повлекува од функцијата претседател на „Фокс корп“ и „Њуз корп“ (Fox Corp и News Corp), завршувајќи ја кариерата долга повеќе од седум децении во текот на која изгради медиумска империја од Австралија до САД, јавуваат агенциите.
Синот на Мардок, Лахлан, ќе стане единствен претседател на „Њуз корп“ и ќе продолжи како претседател и главен извршен директор на „Фокс“, соопштија компаниите.
„Во име на одборите на ‘Фокс’ и ‘Њуз корп’, менаџерските тимови и сите акционери кои имаат корист од неговата напорна работа, му честитам на мојот татко за неговата извонредна 70-годишна кариера“,
рече Лахлан Мардок.
Мардок, кој има речиси контролни акции во двете компании, ќе биде именуван за почесен претседател кога неговата оставка ќе стапи на сила на генералното собрание на акционери во ноември.
Веста дека Мардок се повлекува од функцијата шеф на „Фокс“ доаѓа само неколку месеци откако медиумскиот милијардер се откажа од планот за повторно обединување на неговата медиумска империја преку спојување на „Фокс“ и „Њуз корп“.
Тоа, исто така, доаѓа откако „Фокс“ постигна спогодба од 787,5 милиони долари со „Доминион воутинг системс“ (Dominion Voting Systems) во април поради наводите дека мрежата намерно туркала лажни тврдења за компанијата со седиште во Колорадо и нејзината улога на претседателските избори во САД во 2020 година.
„Фокс“ негираше било каква вина во овој случај.
Мардок во текот на годините привлече критики од некои застапници за човекови права во САД и во други земји кои велат дека десничарската медиумска империја што ја основал ја поттикнала политичката поларизација.
Покрај Фокс њуз, Мардок ја лансираше телевизиската мрежа Фокс, првата која успешно им се спротивстави на големите три американски мрежи – Еј-би-си, Си-би-ес и Ен-би-си (ABC, CBS и NBC). Тој е сопственик и на „Волстрит журнал“ и „Њујорк пост“ (Wall Street Journal и New York Post).
Мардок е сила во конзервативниот свет, каде што каналот Фокс њуз има длабоко влијание врз телевизијата и американската политика од своето основање во 1996 година.
Фото: EPA/DREW ANGERER / POOL