Поранешниот министер за финансии во Романија, Дариус Валцов, е осуден денеска на шест и пол години затвор за земање мито во замена за политичко влијание при доделувањето јавни договори.
Валцов (43) беше министер за финансии во 2014/2015 година, во владата на Виктор Понте, а подоцна беше и економски советник на социјалдемократската влада и автор на многубројни контроверзни закони за даноци.
За време на судењето Валцов ги негираше сите обвиненија. Пресудата сè уште не е правосилна затоа што Валцов има право на жалба.
Во 2018 година Валцов беше осуден во посебен судски процес на осум години затвор за перење пари. И двата случаи се поврзани со одобрување јавни договори, додека Валцов беше градоначалник на Слатина, на југот на земјата, од 2004 до 2012 година.