Горан Наќевски, татко на едно од убиените момчиња кај Смилковското Езеро, во моментов го испрашува лидерот на СДСМ, Зоран Заев, за тоа дали има сознанија за убиството, но и за информациите што досега им ги кажал на најблиските на жртвите.
„Од вашата крајна несериозност, ние од чесни и сиромашни луѓе станавме сè и сешто. Дали ве прашале мајките на убиените момчиња за можна инволвираност на Трајко Вељаноски? Имате ли некакви докази за тоа?“,
праша Наќевски.
На ова Заев кажа дека не поседува никакви докази.
„Не се сеќавам, сите средби беа на барање на мајките. Ако сум кажал тоа, сигурно било споделување на некој написи од квазиновинарите, но, ако и денеска ме прашате, еве ќе кажам дека не поседувам докази за Вељаноски“,
одговори Заев.
Родителите го прашуваа сведокот Заев дали има сознанија за можна инволвираност на тајни служби, кои се шесте броја што судот ги прогласил за државна тајна и дали некој од СДСМ бил пријател со обвинетите. Одговорите на сите овие прашања беа „не“.
Заев сведочи за „Монструм“ речиси два часа. Претходно, тој кажа дека сите аудиодокази и транскрипти што ги имал за овој случај биле преведени на македонски јазик и кон крајот на 2015 ги предал во Специјалното јавно обвинителство. Не објавил сè јавно, оти, како што рече, од „бомбите“ не добил целосна слика за случајот, а правници го советувале да внимава што објавува во јавност. Тој кажа и дека ја разбира болката на родителите, но дека се надева на целосно расветлување на случајот.