Една родилка од Кичево, лекар и медицинска сестра се меѓу потврдените случаи на ковид-19 во Кичево. Во моментов во овој град активни се 25 случаи со новиот коронавирус.
Родилката која е позитивна на вирусот е на домашно лекување и е во добра здравствена состојба, информираат од Министерството за здравство за „360 степени“.
Лекарот и медицинската сестра, како што велат од Министерството, се од приватни здравствени установи.
„Детектирани се два кластери, а останатите позитивни случаи се со локална трансмисија. Од вкупниот број случаи во изолација, 61 лице се со решение, а 27 со потпишана изјава“,
велат од Министерството за здравство.
Според информациите на Центарот за јавно здравје-Битола, под чија надлежност е и Кичево, од почетокот на пандемијата во овој град се дијагностицирани 30 случаи на ковид-19. Во моментов активни се 25 случаи, според обработените податоци заклучно со 29 јуни. Досега имаше еден смртен случај со ковид-19 во Кичево.
Од вкупниот број на активни случаи со коронавирусот во Кичево, пет лица се хоспитализирани, а 20 се на домашно лекување.